Нови дигитални инструменти за Peugeot 308! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Нови дигитални инструменти за Peugeot 308!

Францускиот производител подготви дискретно освежување за новата моделска година – и на 308 му даде нови дигитални инструменти, нови бои и нови дизајни за алуминиумските тркала.

308 е вистинска успешна приказна за Peugeot – францускиот хечбек е продаден во повеќе од 1.5 милиони примероци и има освоено 43 различни награди, меѓу кои и наградата за Европски Автомобил на Годината. Токму затоа, Peugeot сака да го продолжи успехот на 308 со дискретни, но значителни освежувања за новата моделска година.

Меѓу другото, 308 добива нова Vertigo Blue сина боја, како и два нови дизајни за алуминиумските тркала, но најважен новитет е најновата генерација на 100% дигиталниот Peugeot i-Cockpit, како и нов дигитален централен дисплеј.

Освежувањата се достапни како кај хечбекот, така и кај караванската изведба на Peugeot 308, а од Peugeot кажуваат дека токму 308 нуди мотори со внатрешно согорување од најновата генерација, како и системи за асистенција во возењето кои вообичаено се достапни кај возила од значително повисоки (и поскапи) сегменти. Повисоките нивоа на опременост можат да добијат и Black Pack, со кој некои од деталите – предната маска, украсните елементи околу светлата за магла, декоративните елементи околу страничните стакла и 18-инчните тркала – се во сјајна црна боја.

Во понудата останува и знаменосецот – Peugeot 308 GTi – кој располага со 263 коњски сили и 340 Nm вртежен момент.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.