ТЕСТ: Land Rover Discovery Sport 2.0 150 AWD SE – Најдоброто од Land Rover? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Land Rover Discovery Sport 2.0 150 AWD SE – Најдоброто од Land Rover?

Британскиот премиум бренд неодамна ја претстави втората генерација на својот најмал модел – и тоа беше одлична причина да поминеме малку време токму со луксузниот Land Rover Discovery Sport.

Историјата на Land Rover наметнува темелност во работењето. Едноставно – со онаа комбинација на знаење, искуство и наследство, нема простор за грешки. Во ред, во ред – работите не се секогаш толку розови, но сепак – дали токму со најмалиот модел кој го нуди, Land Rover го нуди најдоброто?

Привлечен, едноставен и достоинствен дизајн.

Како и секогаш, прво ќе зборуваме за дизајнот. Во нашите очи, новиот Discovery Sport е еден од најубавите модели во својот сегмент. Онаму каде конкуренцијата се обидува да го привлече вниманието на купувачите со сè порадикални дизајни, Land Rover настапува со подостинствен, поедноставен и – во нашите очи – попривлечен дизајн. Едноставно – сè е некако пропорционално и усогласено. На предниот дел ни се допаѓаат тенките светлосни групи, под кои се наоѓаат вертикални отвори за воздух. Маската на ладилникот е со едноставна форма, над неа гордо стои името на моделот, а под неа има уште еден, поголем отвор за воздух.

Интересен е и дизајнот на профилот – бидејќи кровот изгледа како да лебди (или како воопшто да го нема). Комбинацијата од црн кров и црни столбови – но и Ц-столб во боја на каросеријата му дава на Discovery Sport несекојдневен профил. Дополнително, карактерната линија која се провлекува од предниот кон задниот дел, визуелно ја намалува височината на Discovery Sport – а тоа пак влијае на спортскиот изглед.

Конечно, завршуваме на задниот дел. Таму вниманието го задржуваат задните светла кои се споени во една заедничка целина. Повторно – гордо стои името DISCOVERY, а на самиот врв е поставен дискретен заден спојлер. Сè на сè – во нашите очи Disco Sport изгледа одлично. Бојата на тестниот модел ни се допадна, но би избрале други тркала – црните тркала не изгледаат лошо, но некоја посветла варијанта дефинитивно би била поинтересна.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Land Rover Defender Octa има твин-турбо V8 со 635 коњски сили!

Модерна, практична и комфорна кабина

Одиме внатре, каде нè пречекува длабински модернизирана кабина. Посветено е многу внимание како на тактилните детали, така и на оние работи кои не можеме да ги допреме, но придонесуваат кон атмосферата. Добиваме редизајниран управувач со контроли кои се чувствителни на допир (исто како кај супер-луксузните Range Rover Evoque и големиот Velar), дигитални инструменти поставени пред возачот, како и голем мултимедијален уред на централната конзола. Сè што ќе допрете е изработено од квалитетни материјали, а особено ни се допаѓаат материјалот со кој е обвиена централната конзола и деталите од мат дрво.

Под мултимедијалниот уред се големите мултифункционални контроли за клима уредот – преку кои се контролира или клима уредот, или режимите на возење. Практично решение! Вреди да го напоменеме и централниот ретровизор, кој (исто како кај Evoque) користи задна камера за да биде уште попрактичен, бидејќи кога ќе ја активирате камерата, ништо не пречи на прегледноста.

Кога сме кај прегледноста – и покрај големината, Disco Sport е задоволително прегледен SUV. Тоа се должи како на комфорната, доминантна возачка позиција, така и на големите стаклени површини.

Плус, бидејќи стаклените површини се прилично вертикални (освен ветробранското стакло) лесно е да го „поставите“ автомобилот на патот, а и да го паркирате. Секако – за полесно маневрирање и паркирање, тука е мноштвото од камери и сензори кои дополнително ја олеснуваат работата.

Инаку, на задната клупа има повеќе од доволно простор. Патем, задната клупа е лизгачка и се нагодува аголот на наслонот, па и на задната клупа е комфорно и на подолги патувања. Дополнително, нашиот тестен модел дојде со трет ред седишта кои иако не се супер-просторни, се повеќе од практични доколку имате потреба од нив. Во кабината има и исклучително многу простор поради голееееееемиот панорамски стаклен кров.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Land Rover Defender Octa има твин-турбо V8 со 635 коњски сили!

Конечно, ајде малку и за багажниот простор. Багажникот е достапен преку голема врата, а самиот е со правилна форма и лесно ќе внесете и поголеми предмети. Кога третиот ред седишта не е потребен, седиштата едноставно се спуштаат во подот и добивате сосем рамно дно. Кога третиот ред седишта е во функција, имате само 157 литри капацитет во багажникот, но спуштете ги и ќе имате на располагање 840 литри, односно дури 1650 литри кога вториот ред на седишта е спуштен.

Модерен турбодизел со лајт-хибридна технологија.

Инаку, нашиот тестен примерок дојде со новиот 2-литарски турбодизел кој има дополнително има лајт-хибридна технологија. Во суштина, системот асистира во оние моменти кога тоа е најпотребно – при тргнување и забрзување, а тоа пак ги подобрува динамичноста и ефикасноста. Во оваа конфигурација, 2-литарскиот турбодизел испорачува 150 коњски сили при 4000 вртежи во минута и одлични 380 Nm вртежен момент од само 1750 вртежи во минута.

Силата се пренесува кон сите четири тркала преку супер-мазен 9-брзински ZF автоматски менувач. По потреба може до 100% од вртежниот момент може да биде префрлен и на задната оска, како и да се распредели кон секое тркало индивидуално. Тоа значи дека Disco Sport е исклучително способен по секаков терен – нешто во кое и ние самите имавме можност да се увериме.

Но она кое навистина нè изненади е динамичноста на моторот – тие 150 коњски сили и 380 Nm вртежен момент се сосем доволни да го забрзаат 1953 килограми тешкиот SUV до 100 километри на час за 11.8 секунди, и сè до максимална брзина од 190 километри на час. Ова можеби не делува спектакуларно, но во реалноста, импресионира леснотијата со која Disco Sport се движи. Потрошувачката за време на тестирањето се движеше во рамките на 8.5 литри на 100 изминати километри во градски услови.

Рафиниран британски џентлмен

Дополнително, одличен впечаток ни остави севкупната рафинираност на британскиот теренец – нивото на завршна обработка е меѓу најдоброто кое Land Rover го има понудено досега, а внимание е посветено и на звучната изолација – па дури и на повисоки брзини во кабината на Discovery Sport е навистина тивко. Ни се допадна и моќниот аудио уред кој испорачува кристално-чист звук и едноставно мораме да го напоменеме. Добар бас!

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Land Rover Defender Octa има твин-турбо V8 со 635 коњски сили!

Заклучок: Discovery Sport го враќа достоинството во сегментот!

Ајде да ја заокружиме дискусијата за Land Rover Discovery Sport. Новиот SUV е навистина нов – од новата платформа, па сè до новите Ingenium лајт-хибридни мотори и новите технологии – и Disco Sport е моделот со кој Land Rover ќе се обиде да привлече што е можно повеќе купувачи. Со него покрај докажаните теренски перформанси, ќе добиете и импресивни таленти на асфалтот, а ќе добиете и модерна, луксузна и супер-практична кабина. И конечно, дали Discovery Sport е најдоброто од Land Rover? Па, сè додека не пристигне новиот Defender, би рекле дека токму Disco Sport ја погодува идеалната комбинација од големина, практичност, луксуз и теренски можности.

Плус, изгледа достоинствено – а тоа малку како да недостасува во сегментот.

Спецификации

Модел: Land Rover Discovery Sport SE 2.0 150 AWD
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 150 коњски сили / 4000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 380 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 9 брзини
0-100 км/ч: 11.7 секунди
Максимална Брзина: 190 километри на час
Должина: 4597 mm
Ширина: 2173 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1727 mm
Тежина: 1953 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2741 mm
Багажен Простор: 840 – 1650 литри
Потрошувачка: 8.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Land Rover Discovery Sport – 48.700 Евра
Цена на тестираниот модел: Land Rover Discovery Sport SE 2.0 150 AWD – 69.000 Евра
Акциска цена на LR Discovery Sport: 45.900 Евра
Повеќе Информации: mk.landrover.com

Фотографии

Фотографија: Дејан Маликовски & CARclub.mk



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.