ПРЕМИЕРА: Ова е целосно-новата Hyundai Elantra! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ова е целосно-новата Hyundai Elantra!

Новата Hyundai Elantra е поставена на нова, полесна платформа, доаѓа со радикализиран дизајн, хибридна варијанта и многу нови технологии!

Ајде прво за новата платформа – која ја носи ознаката K3 и истовремено е поцврста, полесна и побезбедна од платформата која се користеше за претходниот модел. Дополнително, тежиштето е пониско во однос на тековниот модел – а тоа пак би требало да овозможи подобро управување и подобрена динамичност.

Инаку, од Hyundai кажуваат дека Elantra е купе со четири врати кое може да се користи секој ден. Новата Elantra го продолжува Sensions Sportiness пристапот на брендот – и она кое го гледаме е навистина радикално. Предниот дел е остар и аглест, со несекојдневно-изведени маска на ладилникот и отвори за воздух. На страниците забележуваме остри и динамични линии, кровната линија е купеовска, а задниот дел добива целосно-нови светла, како и интегриран заден спојлер. Едноставно, новата Elantra не наликува на ниту еден друг автомобил во класата!

Во однос на тековниот модел, новата Elantra е цели 56 милиметри подолга, 25 милиметри поширока и 20 милиметри пониска. Во комбинација со 20 милиметри подолгото меѓуоскино растојание, тоа ветува многу простор во кабината.

А кога сме кај кабината – и таа е радикално модернизирана. Пред возачот е поставен 10.25-инчен панел со инструменти, додека на централната конзола е поставен уште еден 10.25-инчен панел наменет за инфозабавниот уред (кој доаѓа со поддршка за безжично поврзување со Android Auto и Apple CarPlay). Под мултимедијалниот уред се поставени физичките контроли за аудио уредот и клима уредот. Меѓу другото, ќе добиете и амбиентално осветлување во 64 различни бои, а можете да нарачате и систем за безжично полнење на мобилен телефон, Bose аудио систем со 8 звучници, како и дигитален клуч – кој ќе ви овозможи да ја отклучите Elantra со вашиот Android телефон.

Поврзано:   Hyundai Staria добива хибридна опција

Кога веќе зборуваме за технологиите – Elantra ќе добие широк спектар на системи за безбедност и асистенција – Forward Cillision Avoidance Assist со препознавање пешаци, систем за следење на коловозната лента, автоматски долги светла, напредна задна камера, адаптивен темпомат, итн…

Сега за сега, немаме информации околу погонските единици кои ќе бидат достапни на европскиот пазар, но знаеме дека во понудата ќе најдеме и нова хибридна варијанта која комбинира 1.6-литарски бензинец (кој работи на Аткинсоновиот циклус) со литиум-јонска батерија со капацитет од 1.32 kWh и електромотор. Вкупната, системска моќност е 141 коњска сила и 264 Nm вртежен момент. Силата се пренесува кон предните тркала преку 6-брзински менувач со двојна спојка.

Производството ќе започне оваа есен, а првите модели ќе бидат испорачани до крајот на оваа година, или на почетокот на следната.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.