full screen background image
Search

Какви се придобивките од биодизел горивото?

Стимулирањето на биодизелот и биоетанолот на нашиот пазар може да има двоен ефект – намалување на емисијата на штетни гасови од возилата и поттикнување на земјоделството преку домашно производство на основните суровини за производство на биогорива.

Биогоривата од растително потекло во одреден процент можат да се додадат во стандардниот бензин и дизел-гориво. Во согласност со Директивата на Европската Унија 2009/30/ЕЦ се овозможува мешање на етанол во бензин до 10 процетни и метилестер на масна киселина – ФАМЕ, односно чист биодизел во содржина од 7 проценти во дизел-горивата. Нашата држава не поседува природни извори на нафта, па биогоривата се единствен начин таа да се вклучи во сопствено производство на автомобилски горива.

Во нашата земја чистиот биодизел кој се произведува од семето на маслодајната репка и потоа се блендира со фосилниот дизел, според техничкиот стандард МКС ЕН 14214 веќе од 2007 година се произведува во биорафинеријата на Макпетрол со приспособлив капацитет од 20 до 30 илјади тони годишно. Процесот целосно е заокружен и во склоп на фабриката се врши и мешање на одреден процент на оваа биокомпонента со фосилен дизел и на крај се добива дизел-гориво со стандард МКС ЕН 590 или ЕУРО 5.

Ако целокупното дизел-гориво што се троши во сообраќајот се блендира со 7 проценти биокомпонента, тогаш за тоа би било потребно засејување на околу 25.000 хектари маслодајна репка со загарантиран откуп. Дополнителен бонус е што при процесот на цедење на семето на маслодајната репка околу 60 проценти остануваат како квалитетна сточна храна.

Според податоците од Извештајот за работата на Регулаторната комисија за енергетика за 2018 година, во потрошувачката на нафтените деривати на домашниот пазар во 2018 година доминираат дизел-горивата со 67,15 проценти, додека биодизелот има удел од само 0,2 проценти. На домашниот пазар се нашле вкупно 571.893 тони дизел-гориво и 1.747 тони биодизел-гориво.

Сепак, цената на произведеното биодизел-гориво е повисока од фосилното дизел-гориво и нема пазарна предност, поради што сè повеќе држави се одлучуваат за субвенционирање и акцизни мерки, со цел изедначување на цената на биодизелот и дизелот на пазарот. Кај нас разликата изнесува 1 денар.

Дополнително, производството на маслодајна репка може да биде опфатено со земјоделски субвенции или произведеното чисто биодизел-гориво да се ослободи од акцизни давачки.

Државата има капацитет и преку промоција на биогоривата може да стимулира и ангажирање на неискористените земјоделски површини за производство на суровини за обновливи течни горива кои ги заменуваат увозните деривати и ја намалуваат емисијата на CO2 во транспортот. Маслодајната репка е основен ресурс за добивање на биодизел-гориво, шеќерната репка се користи за производство на биоетанол, додека со повисоки технолошки постапки во Европската Унија веќе се произведуваат обновливи течни горива од целулоза, односно од дрвна маса и растителни отпадоци.

Европската Унија со цел промоција на биогоривата воведе задолжителна обврска во нафтените деривати да се вмешува одреден процент биогориво, а одобрени се и механизми за изедначување на нивната цена со обичните горива преку намалување на акцизата, ДДВ и директни субвенции за производителите на биогорива и за фармерите кои произведуваат суровини за биогорива.

Според податоците на Евростат во 2018 година 8 проценти од енергијата потрошена во транспортот била од обновливи извори, додека 66 проценти од тоа биле биогорива. Кај нас обновливата енергија во транспортот има удел од само 0,1 процент.

Извор: Макпетрол Инфо Поинт



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.