ТУРБО ТЕСТ: DR Automobiles DR3 – Италијанско-кинеска љубовна приказна. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТУРБО ТЕСТ: DR Automobiles DR3 – Италијанско-кинеска љубовна приказна.

Кинеските автомобили не се ништо ново – но што се случува кога италијанско студио ќе проба да внесе малку добро-познат шарм во приказната? Ги добиваме DR Automobiles!

Приказната за DR Automobiles (и не, не е „Доктор Автомобили“, името доаѓа од името на основачот – Massimo di Rissio) започнува во 2006-тата година кога токму господинот di Rissio одлучил дека ќе даде малку италијански стил и ќе наметне италијански стандарди на возила кои ги произведуваат други компании.

Скоро 15 години подоцна, DR Automobiles е застапен ширум европскиот пазар и продава неколку илјади автомобили годишно. Дали тоа ќе ги загрижи етаблираните европски брендови? Секако дека не. Од друга страна, дали заслужува внимание? Апсолутно!

DR3 е компактен coupe-SUV кој се обидува да ги следи трендовите

Она што е пред нас е DR Automobiles DR3 – компактен coupe-SUV кој се обидува да ги следи трендовите. Па добиваме ненаметлив, модерен дизајн, став типичен за еден SUV, интересна двобојна комбинација, големи алуминиумски тркала и слични детали. Заштитните панели се интересен дополнителен детал кој уште повеќе ја нагласува кросоверската линија. Сепак, да погледнеме малку подлабоко и ќе го препознаеме очигледното ребрендирање на Chery Tiggo – кое само по себе и не е лоша работа. Chery е огромен производител од Кина, кој всушност поседува повеќе од 4000 патенти и кој продаде 750.000 возила во 2018. Значи, сериозен играч.

Обрнете малку повеќе внимание на деталите и ќе забележите „остатоци“ од Tiggo – на неколку места се забележуваат ознаките на Tiggo. Двотонската комбинација (односно црниот кров) е додадена во италија, а таму се додадени и затемнетите стакла, како и DR ознаките – но сè на сè, ова е сосем современо дизајниран автомобил. Да, секако, ќе препознаеме разно-разни детали кои се дискретно „позајмени“ од некои од европските конкуренти, но навистина – DR3 изгледа сосем коректно и европски. Имаме ситни забелешки, како што се тотално непотребните хромирани детали на рачките од вратите и чудно повисоката задна суспензија – но тоа е тоа.

Слична е приказната и во кабината – финалната обработка е генерално добра, но многу од пластиките кои се користени во ентериерот се цврсти и крути на допир. Ергономијата е во ред, но ќе забележиме дека возачкото седиште не се нагодува по височина, а управувачот не се нагодува по длабочина, па потребна е мала „гимнастика“ додека да најдете коректна возачка позиција.

На централната конзола доминира мултимедијалниот уред, под кој се поставени контролите за клима уредот. Инструментите се јасни и лесни за интерпретирање, a познавачите ќе препознаат детали од графиката кои навистина наликуваат на европските конкуренти.

Простор има сосем доволно, како на предните седишта, така и на задната клупа – но не очекувајте дека на задната клупа ќе сместите тројца патници. Сосем коректен е и багажниот простор кој е достапен преку прилично голем отвор и кој нуди капацитет од одлични 420 литри. Добиваме седишта кои се обвиени со кожа, паркинг-камера, сончев кров…

1.5-литарски атмосферец, 11 секунди „до стотка“, 175 километри на час

За придвижување на DR3 е задолжен 1.5-литарски, 4-цилиндерски атмосферски бензинец кој испорачува 106 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 135 Nm вртежен момент при 2750 вртежи во минута. Перформансите се адекватни – „стотка“ пристигнува за 11.5 секунди а максималната брзина е 175 километри на час. Потрошувачката – ако сте внимателни – е ситно под 10 литри бензин на 100 километри. Силата се пренесува кон предните тркала преку 5-степен мануелен менувач, а опција за погон на сите четири тркала не е достапна. Од друга страна, достапна е верзија со фабрички вграден плински уред.

Какво е возачкото искуство? Па, ќе бидеме искрени и ќе кажеме дека европските конкуренти немаат многу причини за страв – но во реалноста, DR3 е лесен за возење и управување низ градскиот метеж. Би сакале малку повеќе „гризање“ од сопирачките, но се навикнавме и на нив. Ова е кросовер, па не ни смееме да очекуваме спортски перформанси – DR3 наметнува поопуштено возење.  Суспензијата успева да ги впие нерамнините од улиците и покрај големите тркала и единствено би побарале малку повеќе звучна изолација при возење на отворен пат.

Оваа италијанско-кинеска љубовна приказна го заслужува нашето внимание

И сега, на самиот крај, во која насока оди оваа италијанско-кинеска љубовна приказна? Ако земеме во предвид дека Chery е бренд кој иако не е многу познат, сепак придонесува со докажани технологии, а DR Automobiles успева да вметне малку европски шмек во формулата – тогаш добиваме производи кои иако не се идеални, сепак заслужуваат да бидат разгледани.

Спецификации

Модел: DR Automobiles DR3
Мотор: 1.5-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 106 коњски сили / 6000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 135 Nm / 2750 вртежи во минута
Менувач: Рачен, 5 брзини
0-100 км/ч: 11.5 секунди
Максимална Брзина: 175 километри на час
Должина: 4170 mm
Ширина: 1760 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1570 mm
Тежина: 1215 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2555 mm
Багажен Простор: 420 литри
Потрошувачка: 9.7 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: DR Automobiles DR3 – 14.990 Евра
Цена на тестираниот модел: DR Automobiles DR3 – 14.990 Евра

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.