Новата генерација на Hyundai i20 доаѓа со поспортски изглед – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новата генерација на Hyundai i20 доаѓа со поспортски изглед

Пред официјално да го прикаже во Женева, Hyundai сподели скици од екстериерот на следната генерација на популарниот хечбек.

Иако скиците се во дизајнерски стил, со пренагласени тркала и понизок покрив, тие ни даваат поглед кон главните дизајнерски елементи на новиот субкомпакт. Tретата генерација на Hyundai i20 ќе биде првиот модел од гамата кој ќе го носи најновиот дизајнерски јазик на брендот, наречен „Сензуална Спортност“.

Главните одлики на овој дизајнерски јазик се големата предна решетка која има заедничка контура со предните светлосни групи со L форма на дневните LED светла и отворите за вентилација на предниот браник. Задните светла се меѓусебно поврзани и имаат динамична форма, a над нив делот од задната врата, заедно со покривот се обоени во црна боја.

Hyundai сеуште не објави скици од ентериерот, но изјави дека централната конзола ќе се одликува со хоризонтални украси во вид на сечила, кои ќе даваат чувство на поголема ширина и ќе имаат дискретно вметнати отвори а вентилација. Исто така новиот i20 ќе располага со 10.25 инчен дигитален екран на инструмент таблата поврзан со подеднакво голем екран на централната конзола.

Споредено со сегашниот модел, новиот i20 ќе има поспортски и подинамичен изглед. Сериската изведба од новата генерација ќе биде официјално претставена на автомобилскиот саем во Женева, кој ќе се одржи во Март.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.