ПРЕМИЕРА: RAV4 Plug-in Hybrid е новиот хибриден знаменосец на Toyota – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: RAV4 Plug-in Hybrid е новиот хибриден знаменосец на Toyota

Новата, плаг-ин хибридна верзија на супер-популарниот RAV4 ветува дека ќе биде вистински знаменосец на хибридната гама на јапонскиот производител.

Најновата, петта генерација на RAV4 го добива својот врвен модел – кој доаѓа во форма на RAV4 Plug-In Hybrid. Плаг-ин хибридниот RAV4 го комбинира истиот 2.5-литарски Hybrid Dynamic Force бензинец со напреден, плаг-ин хибриден систем за да испорача системски 306 коњски сили и забрзување до 100 километри на час за само 6.2 секунди. Според најавеното, плаг-ин хибридниот RAV4 ќе може да помине преку 65 километри само на електрична енергија, а WLTP тестирањата навестуваат екстремно ниска емисија на CO2 од само 29 грама на изминат километар.

Новиот RAV 4 Plugin-In Hybrid е поставен на GA-K платформата на Toyota, која веќе добро ја познаваме. Батериите за хибридниот систем (за кои сè уште не е објавен капацитетот) се поставени под подот, големиот SUV стандардно ќе доаѓа со AWD-i интелигентниот погон на сите четири тркала. Возачот ќе може да избере меѓу четири различни режими на возење и да комбинира од хибриден, па сè до целосно-електричен погон. Дополнително, на електричен погон ќе можат да се постигнат брзини до 135 километри на час, дури и при полно забрзување.

Инаку, плаг-ин хибридниот RAV4 добива и неколку козметички измени – редизајнирана предна маска на ладилникот и нови декоративни елементи околу светлосните групи, метализирани детали околу браниците, нови 18 или 19-инчни тркала и уште неколку ситни детали. Кабината добива нови дизајни на материјалите со контрастни опшивки, голем мултимедијален уред, итн.

Според најавеното, плаг-ин хибридниот RAV4 ќе пристигне на пазарот во втората половина од 2020.

Поврзано:   Новата, втора генерација на Toyota C-HR пристигна во Македонија


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.