full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mercedes-Maybach GLS 600 е врвот на SUV-опулентноста

Големиот Mercedes-Maybach GLS 600 е интерпретацијата на Maybach за тоа како би требало да изгледа и што би требало да понуди еден вулгарно-луксузен SUV.

Каде започнува опулентноста? Кај моторот – големиот GLS 600 добива 4-литарски твин-турбо V8 кој испорачува моќни 550 коњски сили од 6000 до 6500 вртежи во минута и 730 Nm вртежен момент од 2500 до 5000 вртежи во минута. Плус, системот добива и EQ Boost 48-волтен електричен систем кој може да понуди дополнителни 22 коњски сили и 250 Nm вртежен момент. Сето тоа значи дека големиот и тежок (тежи 2.8 тони) Mercedes-Maybach GLS 600 4Matic може да забрза до 100 километри на час за само 4.9 секунди и да постигне максимални 250 километри на час.

Зборувавме за моторот – ајде сега за другите, поинтересни работи.

Maybach-идентитетот ќе го препознаете преку изменетата маска, хромираните детали, ексклузивните 22 или 23-инчни тркала, како и многуте Maybach значки. Но реално – најзабележителен детал е можноста да се нарача големиот луксузен SUV во двобојна изведба, која ќе биде достапна во осум различни комбинации.

Вистинскиот Maybach третман е во кабината – особено на задните седишта. Три реда седишта? Нема потреба за ништо толку секојдневно во еден Maybach – тука се добиваат само две задни седишта, поставени што е можно поназад, со цел да се добие што е можно повеќе простор. Секако, седиштата се обвиени во најфината кожа која може да се нарача, и се нагодуваат во сите можни насоки. Ќе добиете и панорамски сончев кров, загревање и ладење на седиштата, масички, фрижидер со место за шампањ и чаши…

Поврзано:   Mercedes-Benz се подготвува да го претстави новиот GLA

До каде оди опулентноста на Mercedes-Maybach GLS 600? Ако сакате, можете да добиете и специјален парфем. Мирисот се вика White Osmanthus Blossom и е достапен преку Air Balance пакетот. Нарачките ќе бидат отворени наскоро, а се очекува дека големиот, супер-луксузен SUV ќе чини повеќе од 200.000 Евра. Кога е бал…



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.