ПРЕМИЕРА: Ford Mustang Mach-E е модерен електричен SUV! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ford Mustang Mach-E е модерен електричен SUV!

Ford одлучи моќниот електричен SUV да биде дел од Mustang семејството и да го добие името Mach-E.

Mustang Mach-E е модерен, електричен кросовер. Одлуката на Ford можеби делува малку несекојдневна, но – да бидеме искрени – купувачите сакаат вакви модели, а интерпретацијата на електричниот Mach-E кросовер е навистина привлечна.

Дизајнот е мускулест и модерен, но истовремено јасно и гласно влече инспирација од мускулестиот V8 автомобил. На предниот ги истакнуваме острите светла и симулираната маска на ладилникот, како и Mustang логото кое гордо стои на средина. Страничната силуета е мускулеста и динамична, додека на задниот дел приматот го земаат големите задни светла кои – повторно – очигледно влечат потекло од Mustang. Заострената кровна линија и спојлерот му даваат на кросоверот привлечна, купеовска форма.

Кабината е супер-модерна. Пред возачот се поставени дигитални инструменти на 10.2-инчен дисплеј, додека централната конзола е всушност голем, вертикално-поставен 15-инчен дисплеј. На овој голем дисплеј се контролираат сите функционалности на автомобилот. Купувачите можат да нарачаат и Bang & Olufsen премиум аудио уред со 10 звучници, панорамски кров, и мноогу, многу други ситници. Практичноста е обезбедена преку мал милион места за одлагање ситници, како и два багажници – преден со капацитет од 136 литри, како и заден – со капацитет од 420 литри.

На купувачите на почеток ќе им бидат достапни неколку различни верзии. Основната е со погон на задните тркала, батерија со капацитет од 75.7 kWh и електромотор со моќност од 260 коњски сили и 414 Nm вртежен момент. Оваа варијанта ќе забрзува до 100 километри на час за околу 6 секунди и ќе има автономија од 370 километри.

Поврзано:   Ford ја претстави третата генерација Transit Connect

Скалило погоре е верзијата со погон на сите четири тркала, батерија со капацитет од 98.8 kWh и електромотор со моќност од 285 или 340 коњски сили. Послабата верзија ќе може да помине до 480 километри со едно полнење, додека помоќната до 435 километри со едно полнење.

На самиот врв е Mustang Mach-E GT, кој ја добива големата батерија, како и електромотор со моќност од околу 460 коњски сили и 830 Nm вртежен момент. Врвната верзија ќе може да забрза до 100 километри на час за нешто над 3 секунди и ќе има автономија од околу 370 километри.

Нарачките се веќе отворени!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.