full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Porsche Cayenne Coupé – Два дена зад управувачот на 911 XXL!

Контраверзноста ги прави работите некако поинтересни – и токму поради тоа ја прифативме поканата на Porsche одблиску да се запознаеме со новиот и – погодувате, контраверзен – Cayenne Coupé!

Популарноста на Coupe-SUV моделите расте и расте – и тоа најлесно се докажува со сè поголемата понуда на пазарот и сé поголемото присуство на ваквите возила на улиците. Многумина ги критикуваат ваквите автомобили – но напредокот не е секогаш лесен и не е секогаш општо-прифатен од широките народни маси.

И токму таа реалност – дека напредокот не е секогаш лесен да се прифати – нè носи директно кон Cayenne Coupé. Porsche едноставно мораше да одговори на ваквите модели кои доаѓаат од конкурентите и да понуди свој модел во овој лукративен сегмент. Рецептот и не е нешто посебно тежок – земете постоечки модел, спуштете и заострете го кровот и добивате нешто кое можеби не е сосем ново, но дефинитивно е поинакво и некако… Интересно.

Cayenne Coupe има сосем различен став

Во суштина, она кое го направиле дизајнерите на Porsche е следното – го земале (веќе одличниот Cayenne, кој ние веќе го возевме на глобалното лансирање на Крит пред неколку години), му го заостриле ветробранското стакло, го спуштиле кровот неколку сантиметри и го заостриле и задното стакло – со што Cayenne добива сосем различен став и едно сосем поинакво ниво на динамичност.

Хејтери ќе има, секако – но ние ќе кажеме дека во некоја похрабра боја, Cayenne Coupé изгледа одлично, особено гледан одзади, и особено ако е поставен на некои поголеми тркала. Еве – огромните 22-инчни тркала чиј дизајн е инспириран директно од Porsche 911 GT3 изгледаат навистина многу, многу, многу добро.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Новата ера на Porsche започнува со електричниот Taycan!

Комфорна и спортска кабина која ја покажува историската врска меѓу сите модели на Porsche

Кабината на Cayenne Coupe е помалку или повеќе идентична на онаа кај Cayenne. Пред управувачот се поставени инструментите кои се комбинација од аналоген, старошколски кул мерач на вртежи и два дигитални дисплеи преку кои се покажуваат сите други информации – можете да гледате од статистики околу возењето, па сè до навигацијата и многу, многу други детали. На централната конзола добивате уште ден, огромен дисплеј преку кој се контролираат скоро сите функционалности во големиот спортски SUV, а веднаш под него се мануелните контроли за клима уредот и кратенките до одредени функционалност.

Интересен детал се спортските седишта – кои се дел од стандардната опрема на Cayenne Coupé. Во зависност од моделот (и длабочината на вашиот џеб) можете да добиете седишта кои се нагодуваат во дури 18 насоки, а дизајнерите одбрале делумно да ги обвијат во штоф кој асоцира на старите модели на брендот – и со тоа директно ја покажуваат историската врска која постои меѓу сите модели на Porsche.

Мора да напоменеме дека спуштањето на кровот не резултирало директно со премногу намалување на просторот на задните седишта (кои стандардно се две индивидуални седишта, а доколку сакате можете да нарачате задна клупа) – тие се поставени околу 30-тина милиметри пониско во подот, па со тоа не е направен преголем компромис во однос на просторот за главите на патниците.

И патниците на задната клупа добиваат свои контроли за клима уредот, па ќе се возат комфорно и на подолги дестинации, а практичноста на овој голем SUV ја заокружува и багажниот простор кој нуди капацитет од респектабилни 625 литри.

Поврзано:   Porsche 911 добива нов мануелен менувач со 7 брзини!

Неколку различни мотори – но Cayenne Turbo Coupe е вистински хулиган!

Но ајде да зборуваме за оние, важните работи. Прво седнавме зад управувачот на Cayenne S Coupé, кој користи 2.9-литарски твин-турбо V6. Овој мотор (веќе го знаеме од Cayenne S) испорачува 440 коњски сили од 5700 до 6600 вртежи во минута и одлични 550 Nm вртежен момент од ниски 1800, па сè до 5800 вртежи во минута. Силата ја пренесува преку автоматски менувач кон сите четири тркала, а преведено во перформанси, тоа значи дека големиот, 2-тонски SUV постигнува „стотка“ за рамно 5 секунди и максимални 263 километри на час.

Сепак, уште поинтересен е Cayenne Turbo Coupé. Тука веќе зборуваме за 4-литарски твин-турбо V8 кој испорачува 550 коњски сили од 5750 до 6000 вртежи во минута и монументални 770 Nm вртежен момент од 2000 до 4500 вртежи во минута. Овој мотор во комбинација со Launch Control му овозможува на големиот Cayenne Coupe (кој во оваа конфигурација тежи 2.2 тони) да се катапултира до 100 километри на час за 3.9 секунди и да постигне максимални 286 километри на час.

Моторот одговара подготвено во секоја можна ситуација – едноставно помислете на притискање на педалата за гас и Cayenne Turbo Coupé се лансира нанапред со таков интензитет, што на момент помислувате дека можете да си ги почувствувате очите како се забиваат во задниот дел од вашата глава.

Но дали сето тоа го прави Cayenne Coupe да биде само „херој за правци“? Секако дека не. Cayenne Coupe ги добива сите оние вуду технологии кои ги добива и Cayenne – од адаптивната воздушна суспензија со три комори во секој амортизер, преку активните анти-рол прегради, па сè до можноста за управување на задната оска – и Cayenne Coupé покорува свиоци со талент и ентузијазам кои како да мислиме дека не треба да ги има еден SUV.

Поврзано:   Porsche потврди - 911 Turbo и Turbo S доаѓаат следната година, Turbo S ќе има 650 коњски сили и ќе оди „до стотка“ за околу 2.5 секунди!

Секако, тука улога играат и големите тркала обвиени во масивни пневматици, како и сопирачките чии дискови комфорно ги надминуваат димензиите на „лонг-плејки“ и кои ако претходно сте ги залепиле очите во задниот дел од главата при нагло забрзување, сега ќе ви помогнат да им овозможите на очите при нагло сопирање да го напуштат черепот нанапред. Некои од нашите колеги кажуваат дека Cayenne Coupe може да се нарече XXL 911 – и навистина, тешко ни е да не се согласиме со тоа.

Заклучок

Ајде конечно да одговориме на прашањето – дали контраверзноста на Cayenne Coupé го прави овој SUV поинтересен? Апсолутно. Големиот, моќен и брз SUV им „оди контра“ на традиционалистите и јасно и гласно кажува дека е популарен и посакуван, и дека тие кои не го прифаќаат едноставно можат да одат по ѓаволите. Токму затоа и му одговараат храбрите бои и големите тркала – бидејќи е неизбежно забележителен и самоуверен, па дури и арогантен. И тоа е во ред – под сонцето има простор за сите. Особено ако имаат 550 коњски сили. ;)

Видео

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.