Хибридниот Lamborghini Sián комбинира 6.5-литарски атмосферски V12 со хибриден систем за вкупно 819 коњски сили и перформанси од кои застанува здивот.
Sián е всушност базиран на Aventador, но со платформа која има претрпено некои измени за да може во менувачот да биде вграден 48-волтен електромотор со моќност од 34 коњски сили. Овој електромотор има задача да понуди инстантен одговор на притисокот на педалата за гас и подобри перформанси – и истовремено нуди директна конекција директно со тркалата. Според Lamborghini, ова е прва ваква имплементација за ваков хибрид. Електромоторот овозможува лимитирано движење на електрична енергија при ниски брзини – па паркирањето и слични маневри ќе се одвиваат во тишина.
Интересна е одлуката на Lamborghini за Sián да искористи супер-кондензатор наместо литиум-јонска батерија за складирање на електричната енергија. Овој супер-кондензатор е три пати полесен од соодветната батерија, а истовремено е и три пати помоќен. Супер-кондензаторот е вграден во просторот меѓу кабината и моторот. Електромоторот и супер-кондензаторот тежат само 34 килограми.
Секако, малку внимание му е посветено и на атмосферскиот V12, кој сега од своите 6.5 литри зафатнина испорачува 785 коњски сили. Вкупната, системска моќност е 819 коњски сили, а од Lamborghini кажуваат дека спринтот до 100 километри трае помалку од 2.8 секунди, додека максималната брзина е 350 километри на час. Сосем доволно. Таман.
Sián има и напреден систем за рекуперација на енергијата при користење на сопирачките. Супер-кондензаторот може да биде наполнет секој пат кога се користат сопирачките, а зачуваната енергија може да се искористи за дополнителни перформанси при брзини до 130 километри на час. Истовремено има и подобрување во меѓузабрзувањата, па Lamborghini Sián е 1.2 секунди побрз од 70 до 120 километри на час од Aventador SVJ.
Lamborghini најави дека ќе бидат произведени само 63 примероци од Sián, со цел да се оддаде почит на годината кога е основан брендот. Секако, сите примероци се веќе продадени и сите примероци ќе бидат изработени по меракот на новите газди преку Ad Personam програмата за персонализација на брендот.