Porsche ја претстави најмоќната верзија на Cayenne – плаг-ин хибридниот SUV располага со вкупно 680 коњски сили и забрзува до 100 километри на час за 3.8 секунди!
Cayenne и Cayenne Coupe Turbo S E-Hybrid користат хибриден погон кој комбинира 4-литарски твин-турбо V8 кој испорачува 550 коњски сили и електромотор кој испорачува дополнителни 136 коњски сили. Резултат на сето тоа се системски 680 коњски сили и 900 Nm вртежен момент достапни скоро од нула вртежи во минута.
Преведено во перформанси? Обата модели катапултираат до 100 километри на час за само 3.8 секунди и постигнуваат максимални 295 километри на час. Сето тоа комбинирано со просечна комбинирана потрошувачка која според официјалните податоци би се движела од 3.7 до 3.9 литри бензин на 100 изминати километри, и можност за поминување до 40 километри само на електрична енергија.
Литиумската-јонската батерија е поставена под багажниот простор и е со капацитет од 14.1 kWh, a хибридниот систем може покрај автономијата на електрична енергија од 40 километри, може да понуди и возење „на струја“ при брзини до 135 километри на час.
Хибридните Cayenne и Cayenne Coupe ќе ги препознаете по неон-зелените детали и големите, 21-инчни тркала со аеродинамичен дизајн. Секако, добивате и соодветни значки и други ситни детали – но Cayenne Turbo S E-Hybrid изгледа скоро идентично како и секој друг Cayenne. Сепак, Cayenne Turbo S E-Hybrid е најмоќниот Cayenne во понудата – и благодарение на тоа е најбрз до 100 километри на час и со највисока максимална брзина, и е еден од најбрзите SUV модели на планетата!