ПРЕМИЕРА: Audi ја проширува SUV-купе понудата со Q3 Sportback – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Audi ја проширува SUV-купе понудата со Q3 Sportback

Како што и можевме да очекуваме, новиот Q3 Sportback е базиран на популарниот Q3 – но добива поспортски и подинамичен заден дел.

Визуелните разлики кај Q3 Sportback започнуваат со црната маска на ладилникот и редизајнираните отвори за воздух кои иако не се поголеми, изгледаат како да се. Како опција ќе може да се нарачаат Matrix LED предни светла кои – барем според нас – одлично му прилегаат на хај-тек карактерот на Q3. Секако – како што можете да претпоставите – најголемите измени се во задниот дел. Опаѓачката кровна линија и заострената форма на страничните прозорци му даваат на Q3 Sportback значително подинамичен лик во однос на својот конвенционален брат.

Кабината е идентична како онаа кај Q3 – па добивате 10.25 инчен панел со инструменти, како и 10.1 инчен мултимедијален уред. Секако, бидејќи се работи за Audi ќе можете да нарачате и поголем, 12.3-инчен панел со инструменти, спортски седишта со контрастни опшивки и уште многу, многу повеќе. Аголот на наслонот на задните седишта се прилагодува, а целата задна клупа може да се помести нанапред или наназад за 130 милиметри со цел да се добие повеќе простор за нозете на патниците, или пак повеќе простор во багажникот. Багажниот простор нуди капаците од 530 литри, кои нараснуваат на 1400 литри со преклопени задни седишта.

На самиот почеток ќе се нудат само два мотори – едниот турбо-бензинец, другиот турбодизел. Бензинецот ја носи ознаката Q3 Sportback 45 TFSI quattro кој користи 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 230 коњски сили и 350 Nm вртежен момент. Силата ја пренесува преку S-tronic автоматски менувач со двојна спојка кон quattro погон на сите четири тркала. Оваа комбинација овозможува спринт до 100 километри на час за сосем респектабилни 6.5 секунди и максимални 233 километри на час.

Доколку сакате турбодизел, тука е Q3 Sportback 35 TDI кој користи 2-литарски турбодизел кој испорачува 150 коњски сили и 340 Nm вртежен момент. И оваа верзија користи 7-брзински s-tronic менувач, но тука силата се пренесува само кон предните тркала. Сето тоа значи „стотка“ за 9.3 секунди и максимална брзина од 205 километри на час.

 

Audi Q3 Sportback ќе биде официјално лансиран оваа есен, а Audi на почетокот на продажбата ќе понуди две ексклузивни верзии кои ќе се викаат Edition One Dew Silver и Edition One Mythos Black. Обете специјални верзии го добиваат Black Styling пакетот, Matrix LED предни светла, ексклузивни детали во кабината и големи, 20-инчни тркала.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.