Новиот Jeep Gladiator веќе се продава во САД, а следната година пристигнува и на нашиот континент.
Големиот теренец ќе се нуди во Европа само со 3.0-литарски V6 турбодизел кој испорачува околу 260 кс и 600 Nm вртежен момент. Тој е усогласен со осум-степен автоматски менувач и систем со погон на сите четири тркала. Во сериска опрема моделот ќе има вграден старт-стоп систем.
Jeep Gladiator ќе може да се добие во три различни нивоа на опрема и тоа: Sport, Overland и Rubicon. Првите две нивоа доаѓаат со Command-Trac 4×4 систем со дво-брзински редуктор, додека Rubicon добива Rock-Trac 4×4 систем со специјални Dana 44 предна и задна оска, како и однос на трансмисијата од 4:1.
Според информации од Jeep, новиот Gladiator ќе биде потполно идентичен со Северно Америчката верзија. Тоа значи дека ќе биде опремен со ветробранско стакло на преклопување, врати кои се вадат, мултимедијален систем и други елементи. Теренецот ќе се увезува во Европа од фабриката Толедо, во Охајо.
Ние веќе имавме можност да го видиме големиот Gladiator на овогодинешниот Camp Jeep во Италија – и наскоро ќе објавиме целосна репортажа од екстремното теренско искуство!