full screen background image
Search

Bentley ќе го напаѓа Pikes Peak со специјален Continental GT

Американската сојузна држава Колорадо е дом на кањони, живописни предели и високи планини, меѓу кои и Rocky Mountains и врвот Pikes Peak.

За нас, љубителите на автомобилизмот, името на овој врв единствено асоцира на легендарниот брдски натпревар, каде натпреварувачите возат низ кривулест пат долг 31 километар со просечна нагорнина од 7.2%. Pikes Peak International Hillclimb се организира еднаш годишно, и многу производители, тркачки тимови, но и индивидуалци се пријавуваат да ги пробаат своите вештини но и способностите на своите автомобили.

Оваа година, Bentley е еден од производителите кои ќе се обидат да го соборат рекордот за сериски произведуван автомобил со специјално подготвена верзија на Bentley Continental GT. За британскиот производител ова ќе биде втор напад на рекорд на Pikes Peak откако минатата година го собори рекордот за сериска верзија на SUV со својот Bentayga.

Од Bentley велат дека се нетрпеливи да ги покажат на светската јавност способностите на своето крос-контитентално купе, и дека минатата година научиле многу и сега ќе се појават далеку поспремни. Зад воланот ќе седне Rhys Millen, ветеран на овој настан.

Тежината на Pikes Peak International Hillclimb е во надморската висина: стартот се наоѓа на 1440 м.н.в, а целта на 4300 м.н.в, каде воздухот има речиси 3 пати помала густина. Поради тоа, Bentley го опремува овој примерок на Continental GT со помошен респиратор за кислород за возачот. Од помош не се ни непредвидливите временски услови, бидејќи во неколку наврати сончевиот ден се претворил во снежна олуја за само неколку минути.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.