full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: McLaren GT – Врвен гранд туринг автомобил со 620 коњски сили!

McLaren тукушто го претстави најновиот модел во својата понуда – модел кој е замислен да може лесно да поминува континенти – и токму затоа се вика едноставно – GT.

Новиот GT е четвртиот нов модел кој ги следи насоките од планот кој McLaren го претстави минатата година. Автомобилот не е наменет за оние кои ги сакаат тврдокорните супер-и-мега-автомобили на брендот, туку цели кон целосно нова публика. GT е наменет за оние кои сакаат перформанси од супер-автомобил, но истовремено и врвни комфор и практичност ориентирани кон патување кон далечни дестинации.

Ајде да започнеме со оние, техничките работи. McLaren GT тежи 1530 килограми и користи нов 4-литарски твин-турбо V8 кој испорачува 620 коњски сили и 630 Nm вртежен момент. Силата ја пренесува кон задните тркала преку 7-брзински менувач со двојна спојла и му овозможува на „крстосувачот“ да стигне до 100 километри на час за само 3.2 секунди. Значи, перформанси од супер-автомобил? Штиклирано!

Е сега – комфор и практичност? Веднаш ќе напоменеме дека McLaren GT има багажен простор со капацитет од 420 литри во задниот дел, како и дополнителни 150 литри во предниот дел. Ако земеме во предвид дека еден просечен хечбек во денешно време нуди помалку багажен простор од McLaren GT – сме кажале доволно. Кабината добива супер-комфорни седишта со функција за загревање, како и најсофистицираниот мултимедијален систем кој McLaren досега го понудил. За врвно уживање во музиката, тука е Bowers & Wilkins премиум аудио уред со 12 звучници и карбонски сабвуфер.

Суспензијата го користи истиот супер-напреден Optimal Control Theory систем кој се вградува и во 720S. Овој систем користи сензори кои „го читаат“ патот пред автомобилот, предвидуваат што би се случило и ги нагодуваат амортизерите за само две милисекунди.

Значи, комфор и практичност? Штиклирани! Цена? Ситница, се очекува да чини од околу 200.000 Евра. Инбокс.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.