full screen background image
Search

Новиот Land Rover Defender помина 1.2 милиони километри во тестирање!

Британскиот Land Rover тукушто објави дека флота на прототип возила на новиот Defender веќе поминале 1.2 милиони километри во тестирање – а овој успех е постигнат токму денес, Светскиот Ден на Land Rover!

Зошто токму 30-ти Април е Светскиот Ден на Land Rover? Токму на овој ден пред 71 година оригиналниот Land Rover го имал своето деби на Мотор Шоуто во Амстердам.

Новиот SUV е тестиран во различни услови ширум светот – од неизбежниот Nurburgring каде динамиката на Defender на асфалт е усовршена, преку песочните дини во Дубаи, па сè до екстремно ниските (до -40 степени) во Арктикот и екстремно-високите (3000+ метри надморска височина) на Карпестите Планини во Колорадо.

Финалната фаза на тестирање ќе се изврши во Кенија со Tusk Trust – непрофитна организација чија задача е да го заштити животинскиот свет во Африка. Прототип на новиот Defender, обвиен во специјални фолии ќе се користи на овие терени во реални услови на огромниот Borana резерват, каде ќе пренесува луѓе и товар и ќе има активна улога во заштитата на загрозените видови.

Новиот Defender е дизајниран и развиен во Gaydon, во Обединетото Кралство, а за глобалните пазари ќе се произведува во новиот погон на JLR во Нитра, Словачка. Официјалната премиера се очекува да се случи оваа есен.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.