Автомобилизмот во Македонија добива вистинско освежување – промоција на Twingo Cup! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Автомобилизмот во Македонија добива вистинско освежување – промоција на Twingo Cup!

Минатиот четврток за нас беше Renault Sport ден! Аутомотив Груп – главниот увозник за француските автомобили Renault –  нè покани на промоција на тркачата патека во Серес, на еден навистина возбудлив новитет во нашата држава – Twingo Cup!

Идејата позади Twingo Cup-от е доста едноставна – 10 возачи се натпреваруваат во 10 идентични Renault Twingo автомобили. Не претеруваме кога велиме идентични – бидејќи секој од десетте Twingo-вци ги имаат истите механички компоненти, нивните мотори произведуваат идентична моќност од 78 коњски сили, нивната суспензија е идентична, започнуваат со идентична тежина од нешто ситно над 800 килограми, а најинтересниот дел е оној каде разликите во тежините на возачите се компензира со тегови кои се вградуваат во возилата на „полесните“ возачи. Џабе диетите!

Twingo Cup всушност се фокусира исклучиво на вештините на натпреварувачите, и поради тоа техничките тимови на Аутомотив Груп и Lema Racing (кои се задолжени за сите преработки на Twingo-вците) го дале својот максимум да ги елиминираат сите технички варијабли кои би можеле да резултираат со предност на едно, наспроти друго возило.

Веќе напоменавме некои од техничките карактеристики, но она што е фасцинантно се деталите: 1.0 литарскиот атмосферски бензински мотор со три цилиндри е речиси идентичен со оној кој се вградува во сериското Twingo, со исклучок на некои ситни преработки. Преработките се тука за моторот полесно да ги поднесе условите со кои секојдневно ќе се сретнува на патека. Има и нов издувен систем кој всушност се состои од 3-во-1 цевки без никакви рестрикции – што го прави ова Twingo навистина гласно, особено во повисоките вртежи!

Од другите интересни модификации ќе го забележиме недостатокот на ентериерот, како и целосниот заштитен кафез кој ги штити возачите од евентуална незгода на патеката. Воедно, кај Twingo-вците се отстранети и серво асистенциите на воланот и кочниците, кои во комбинација со Nankang полу-слик гумите даваат чувство на картинг!

Поврзано:  Официјално отворен новиот продажен центар на Dacia и Nissan

Изменети се предниот браник, предните крила, предниот поклопец, задниот поклопец и задниот браник со олеснети делови од композитни материјали. На задниот дел од автомобилот е вграден и мал спојлер кој придонесува до поголема стабилност при високи брзини. Вградени се и лесни Sparco бандажи, а за безбедноста на возачот се грижат спортското седиште, целосниот систем за гасење пожар, прозорци од плексиглас, како и мрежа против излетување на самите прозорци.

Шампионатот иницијално е замислен да трае три години со можност за продолжување доколку постои интерес. Ќе се возат по 9 трки во една сезона, кои ќе бидат пренесувани во живо на НТВ1, а ќе се направат напори и преносот да го има и на Youtube Live платформата.

Аутомотив Груп ни го довери Twingo-то со број 18 на шест круга и иако сме возеле многу автомобили од секаков калибар, возењето на специјално припремен тркачки автомобил и целосен тим од механичари позади него долго ќе остане во нашите сеќавања. Одличен ден на тркачката патека во Серес, Грција!

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.