Оние кои сакаат малку повеќе сексапил од својот Cayenne, сега можат да го добијат во форма на Cayenne Coupe – да, Porsche се приклучува во играта на големи SUV-купе модели, но на свој, како-што-само-Porsche-знае начин.
Рецептот за ваквите модели не е премногу комплициран – земете еден SUV и дајте му купеовски, заострен заден дел. Кај некои производители тоа е успешно изведено, кај некои не толку. Но мораме да кажеме дека Porsche Cayenne Coupe е еден од најубедливите вакви дизајни. Дизајнерите на Porsche го измениле задниот дел на големиот Cayenne, без притоа да го направат тотално непривлечен. Браво!
Инаку, на самиот старт ќе се нудат две варијанти на Cayenne Coupe – едната го носи името Porsche Cayenne Coupe и користи 3-литарски V6 кој испорачува 340 коњски сили и 450 Nm вртежен момент, и забрзува до 100 километри на час за само 6 секунди, односно 5.9 секунди со Sport Chrono пакетот. Втората – и далеку поинтересна – варијанта е Porsche Cayenne Coupe Turbo која користи 4-литарски твин-турбо V8 за да испорача 550 коњски сили и 770 Nm вртежен момент – доволно за катапултирање до 100 километри на час за само 3.9 секунди и максимални 286 километри на час!
Инаку, кај новиот Coupe за прв пат може да се нарача карбонски кров кај еден Cayenne. Дополнително, кровот е цели 20 милиметри понизок од стандардниот модел, а добива и уникатен активен заден спојлер кој се активира при брзини над 90 километри на час. Интересно е дека инженерите на Porsche ја преработиле кабината на големиот SUV и патниците седат цели 30 милиметри пониско – а со тоа не е компромитиран просторот за главите. Не е компромитиран ниту багажниот простор – Cayenne Coupe има на располагање 625 литри, Cayenne Coupe Turbo 600 литри во багажникот – кои нараснуваат на над 1500 литри кога се спуштени задните седишта.
Cayenne Coupe ќе пристигне во салоните кон крајот на Мај.