Tucson N-Line е наменет за оние кои сакаат да добијат подинамичен лик кај својот SUV.
Луѓето од Hyundai најавија дека сакаат да ја прошират понудата на N Line модели, а Tucson е првиот SUV на корејскиот бренд кој го добива овој третман.
Пакетот вклучува цел грст спортски детали – предниот дел добива редизајниран браник со изменети отвори за воздух, нови LED дневни светла, затемнета предна маска и црни украсни прстени околу фаровите.
Црни се и декоративните елементи околу прозорците, сите примероци ќе бидат поставени на црни, 19-инчни тркала, а можете да додадете и црн заден спојлер, црн кров, како и црни капаци на страничните ретровизори. Кабината е обвиена во црна кожа, а некои детали се во сјајна црна пластика, додека интересен контраст даваат црвените опшивки. Сите модели добиваат Krell аудио уред со 9 звучници.
Инаку, Tucson N Line ќе може да се нарача со 1.6-литарскиот турбо-бензинец со 177 коњски сили, 1.6-литарскиот CRDi турбодизел, или пак 2-литарскиот турбодизел со лесен хибриден систем. Во зависност од одбраниот мотор, можете да добиете погон на сите четири тркала или погон само на предните, како и автоматски или мануелен менувач.