Сите модели на Volvo од следната година ќе бидат ограничени на 180 километри на час – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Сите модели на Volvo од следната година ќе бидат ограничени на 180 километри на час

Како дел од Vision 2020 планот за безбедност на Volvo, од следната година сите нови автомобили на шведскиот производител ќе бидат со само-наметнато ограничување на брзината од 180 километри на час.

Со Vision 2020 планот, Volvo кажува дека од следната година никој нема да загине или да биде сериозно повреден во нов автомобил на брендот. Секако, оваа визија опфаќа многу пристапи – од врвните безбедносни технологии по кои е познат брендот, па сè до интеграција со надворешни системи – но и новата одлука на Volvo да ја ограничи максималната брзина на своите автомобили.

Според истражување направено од Volvo, идентификувани се три главни загрижувачки фактори кои се своевидни „дупки“ во амбицијата за целосно да се исклучи можноста некој да загине или да биде посериозно повреден. Првата ваква „дупка“ според Volvo е токму максималната брзина. Hakan Samuelsson – претседателот на Volvo – изјави дека „Volvo е лидер во безбедноста, секогаш сме биле и секогаш ќе бидеме. Нашето истражување ни овозможи да дознаеме каде се проблемите кога станува збор за намалување на сериозните повреди и смртните случаи во нашите автомобили. Иако автоматското ограничување на брзината не е лек за сè, сепак вреди да направиме сè што треба макар да спасиме и само еден живот.“

Дополнително, Volvo ја истражува можноста да воведе комбинација од паметно контролирање на брзината и „гео-оградувачка“ технологија која автоматски, дополнително би ја ограничила брзината на автомобилите околу училишта и болници.

„Сакаме да започнеме разговор за тоа дали производителите имаат право, или можеби дури и обврска да инсталираат технологија во автомобилите кои го менуваат однесувањето на возачот и да се справат со работи како брзо возење, возење под дејство на алкохол или пак ситници кои го одземаат вниманието“ – изјави Hakan Samuelsson, и додаде – „Немаме цврст одговор на овие прашања, но веруваме дека треба да ја преземеме лидерската позиција во овие дискусии.“



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.