ПРЕМИЕРА: Кажете му „Здраво“ на новиот Peugeot 208! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Кажете му „Здраво“ на новиот Peugeot 208!

По протечените фотографии и долгите најави, Peugeot го претстави еден од најочекуваните модели во сегментот – новиот 208, кој во електрична веријанта ќе може да помине повеќе од 300 километри со едно полнење!

Новиот 208 доаѓа со многу, многу новитети. Да започнеме со CMP платформата, благодарение на која новиот 208 тежи околу 30 килограми помалку од својот претходник, а истовремено се намалени вибрациите и бучавкоста.

Нови се и моторите – 208 ќе може да се добие со 1.2-литарски PureTech турбо-бензинец, 1.5-литарски турбодизел или со електричен погон. Ако го одберете бензинецот ќе добиете 75 коњски сили и пренос преку 5-брзински мануелен менувач. Дизелот испорачува 100 коњски сили и ќе може да се добие со 6-брзински мануелен менувач. Дополнително, од Peugeot ни кажуваат дека наскоро во понудата ќе биде додаден и 100-коњски турбо-бензинец кој ќе може да се добие со 6-брзински мануелен менувач или пак 8-брзински автоматски менувач, а се планира и 130-коњски бензинец кој ќе се нуди исклучиво со автоматскиот менувач.

Можеби најважен новитет е токму електричната верзија, која ќе ја носи ознаката е-208. Оваа конфигурација користи батерија со капацитет од 50 kWh и електромотор кои нудат 136 коњски сили и 260 Nm вртежен момент. Спринтот до 100 километри на час трае 8.1 секунда, а батериите нудат автономија на електрична енергија од импресивни 340 километри според WLTP стандардите. Дополнително, системот поддржува брзо полнење со капацитет до 100 kW, кое обезбедува полнење на 80% од батериите за само 30 минути.

Инаку, 208 изгледа сосем различно од досега и влече инспирација од големиот 508. Peugeot ги зацврстува заоблените форми и сега 208 го карактеризираат поостри и чисти линии. На предниот дел доминираат големите „заби“ додека на задниот дел се истакнува едноделниот светлосен потпис. Во зависност од нивото на опрема кое ќе го одберете ќе можете да добиете тркала во помали и поголеми димензии, а и изборот на бои изгледа интересен. Кабината изгледа особено кул, каде i-Cockpit системот доминира. Пред возачот е поставен дигитален инструмент, а на централната конзола е големиот мултимедијален уред.

Од Peugeot кажуваат дека новиот 208 ќе биде полн со технологии – ќе може да се нарача Адаптивен Темпомат со Stop & Go, Lane Positioning Assist, Full Park Assist, Automatic Emergency Brake Assist, Active Lane Keeping Assist, систем за следење на вниманието на возачот, систем за препознавање на ограничувањето на брзината и уште многу, многу повеќе. Сакате да го нарачате вашиот 208? Резервациите ќе бидат отворени во Март, а нарачките во текот на ова лето.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.