Премиера: Audi SQ5 TDI – 347 коњски сили, 700 Nm и електричен турбо-компресор! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Audi SQ5 TDI – 347 коњски сили, 700 Nm и електричен турбо-компресор!

Со новиот SQ5, Audi сака да ги привлече оние кои сакаат врвни перформанси, но и економичност која ја асоцираме со турбодизел моторите.

Под поклопецот на SQ5 TDI се крие 3-литарскиот V6 TDI во комбинација со „лајт“ хибриден систем и електричен турбокомпресор. Електричниот турбокомпресор за прв пат се појави кај SQ7, а сега ќе се нуди и кај SQ5. Неговата „тајна“ е во талентот да понуди вртежен момент инстантно, без традиционалната турбо-дупка која е неизбежна кај обичните турбополначи. Секако, SQ5 TDI има и конвенционален турбо-полнач, а сето тоа резултира со 347 коњски сили и 700 Nm вртежен момент. Силата се пренесува кон сите четири тркала преку 8-брзински tiptronic менувач и quattro погон. Quattro погонот може да испорача до 85% од моќноста кон задните тркала, односно до 70% кон предните.

Инаку, SQ5 TDI ќе го препознаете и преку поспортските браници, 20 или 21-инчните тркала, S-значките, LED предните и задни светла и уште некои ситни новитети. Ексклузивна за SQ5 TDI е и Panther Black црната боја. Кабината добива ексклузивни спортски седишта со контрастни опшивки, алуминумски педали, алуминиумски „лопатки“ за менување брзини, а достапни се многу, многу, многу други додатоци – меѓу кои и супер-луксузната Nappa кожа.

SQ5 TDI се очекува да пристигне во салоните во текот на ова лето.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.