full screen background image
Search

Сакате брз караван? Како ви звучи Seat Leon Cupra ST со 520 коњски сили?

Siеmoneit Racing се тука за да ги задоволат вашите потреби за налудничаво-брз караван – за нешто над 20.000 евра тие ќе го конвертираат вашиот Seat Leon Cupra ST во.. Нешто сосем неочекувано!

Ајде да бидеме искрени – со 300 коњски сили и 380 Nm вртежен момент благодарение на 2-литарскиот турбо-бензинец, не е дека на шпанскиот караван му недостасува моќност. Сепак, инженерите од Siеmoneit Racing одлучиле дека можат подобро. Многу, многу подобро.

Резултатот на сето тоа? 521 коњски сили и 620 Nm вртежен момент. Да, повеќе од 500 коњски сили. Моторот има претрпено значително „дотерување“ – нов систем за дишење, поголем турбополнач, нов интеркулер и уште многу, многу измени – и сето тоа резултира со катапултирање до 100 километри на час за само 3.4 секунди. 200 километри на час? 6.8 секунди. Максималната брзина е електронски ограничена на 280 километри на час, но сигурни сме дека со овие доработки ниту 300 километри на час не се недостижни.

Секако, доработен е и 7-брзинскиот DSG менувач со двојна спојка, суспензијата е заменета со делови од KW, додадени се 370-милиметарски сопирачки од Audi RS3 вградени се 19-инчни тркала обвиени во Michelin Sport Pilot Cup 2 пневматици.

Супер-практичен караван, за до пазар, на викенд во Маврово.. Такви работи!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.