Легендарното италијанско име слави 70 години постоење со специјални 70th Anniversary модели на 595, 124 Spider и 124 GT.
Славеничките модели ќе добијат специјални 70th Anniversary ознаки и уште неколку други ситни детали, а сето тоа е со цел да ги направи нијанса поексклузивни. Малиот Abarth 595 Competizione користи 180-коњки турбо бензинец, Brembo сопирачки и Record Monza издув со Sport прекинувач кој го прави погласен. Чекор под него е 595 Turismo со 165- коњски турбо-бензинец, а „основен“ е Abarth 595 со 145 коњски сили, како и 595 Pista кој ќе се нуди со прилагодливи Koni амортизери.
Abarth 124 ќе добие механички само-заклучувачки диференцијал во комбинација со 1.4-литарскиот турбо-бензинец со 170 коњски сили и 250 Nm вртежен момент. Ќе добие и Record Monza издув, и вака опремен може да постигне 100 километри на час за 6.8 секунди и да забрза сè до 232 километри на час. Интересно е дека боите на славеничките модели носат име по рели-победи на Abarth, па така тие се викаат Turini 1975 White, Costa Brava 1972 Red, San Marino 1972 Black, Hessen 1972 Blue и Alpi Orientali 1974 Gray.
Дополнително, од Abarth се пофалија и со продажен рекорд минатата година – продажбата пораснала за импресивни 36.5 проценти, и минатата година се испорачани 23.500 примероци ширум Европа. Бројка која воопшто не е лоша, со оглед на тоа дека Abarth официјално „се врати на сцената“ пред само неколку години.