ТЕСТ: Škoda Fabia 1.0 TSI 95 Ambition – Не мора да значи дека разумното е здодевно – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Škoda Fabia 1.0 TSI 95 Ambition – Не мора да значи дека разумното е здодевно

Чешкиот бренд неодамна ја освежи Fabia, а токму тоа беше причината ние да поминеме неколку дена со градскиот хечбек, опремен со одличен 1-литарски TSI турбо-бензинец со 95 коњски сили.

Секогаш кога зборуваме за Škoda, тешко е да го избегнеме зборот рационалност. Пристапот на Škoda кон нештата е токму таков – рационален. Нема екстремни дизајнерски насоки, нема радикални одлуки – Škoda е тука да понуди одлична вредност за вложените пари од една страна, и привлечен и ненаметлив дизајн од другата страна. За оние оние кои го ценат овој пристап и успеваат да го препознаат, сосем е јасно зошто продажбата на чешкиот огранок на Volkswagen групацијата непрестајно расте.

Дизајнот ја отсликува рационалноста на Fabia

Fabia е одлично олицетворение на пристапот за рационалност. Со неодамнешното освежување Fabia доби дискретно редизајниран лик (кој воглавно се должи на одличните LED предни светла), неколку затегнати линии, нови бои и нови дизајни на тркалата – но во суштина, погодената формула не се менува. Fabia веднаш ќе ја препознаете како Fabia и нема да ја измешате со ниту еден модел – препознатливата, практична форма и чистите линии се одлики на Škoda, па тука нема многу-многу девијација од препознатливите насоки.

Сепак, ќе напоменеме дека навистина ни се допаѓаат новите LED светла – нудат одлично осветлување и се вистинско освежување во класта, и се надеваме дека сè повеќе производители ќе започнат да ги нудат, иако се релативно скапа дополнителна опрема (барем за оваа класа). Ни се допадна и сината боја на нашиот тест-автомобил – Fabia одлично изгледа во вакви храбри бои.

Освежена кабина, каде практичноста го има главниот збор

Како и екстериерот, и кабината добива освежување. Ентериерот добива нови материјали и нови дизајни за седиштата, редизајнирани (и помодерни) инструменти, а сега и патниците на задната клупа можат да добијат USB приклучоци за полнење мобилни телефони – одличен и практичен детал. Всушност, приказната за практичноста продолжува – ги добивате сите оние Simply Clever додатоци по кои е позната Škoda, а кабината е меѓу најпространите во класата. Некои од пластиките не се најмеки, но сепак мораме да имаме во предвид во кој сегмент припаѓа Fabia.

Поврзано:  Пристигна освежената Škoda Octavia!

Од друга страна, има мал милион места за одлагање ситници и дребулии – големи џебови во вратите, пред менувачот во централната конзола, а добивате и прилично голем багажник – достапни се 340 литри, кои нараснуваат на одлични 1324 литри кога се соборени задните седишта. Ни се допаднаа и комфорните седишта, а ние би додале и централен наслон за раце меѓу возачкото и совозачкото седиште. Уште немаме закон за ова?

Од-ли-чен 1-литарски турбо-бензинец

Вистинскиот скапоцен камен е освежениот 1-литарскиот TSI турбо-бензинец. Малиот три-цилиндерски „турбаш“ испорачува 95 коњски сили при 5000 вртежи во минута и 160 Nm вртежен момент од само 1800 вртежи во минута. Резултат на ова е еластичност која дури можеме да кажеме дека е неочекувана. Вистинско задоволство е да се користи прецизниот менувач и „да се бркаат перформанси“. Тука е неизбежниот звук карактеристичен за мал три-цилиндерски мотор, но тој некако му прилега на градски автомобил.

Перформансите не се за занемарување – „стотче“ се постигнува за 10.8 секунди, додека максималната брзина е 184 километри на час – повеќе од доволно за драг-тркање од семафор до семафор. Секако, ниту економичноста не е за занемарување – ние измеривме просечна потрошувачка од околу 7 литри на 100 километри во градски услови.

Во град, Fabia се однесува максимално коректно – одличната прегледност и правилната форма гарантираат лесно маневрирање низ тесните градски улици. Суспензијата е нагодена да биде ориентирана повеќе кон конфор и таквиот пристап одлично му прилега на градски автомобил. Едноставно, влезете во Fabia и уживајте во лесното возење како во град, така и на автопат каде Fabia се покажа како доверлив сопатник. Повторно, благодарение на турбо-бензинецот лесно се одржуваат и повисоки брзини без пренагласена бучавост, а олеснето е и претекнувањето.

Конкурентност преку играчки и опрема

Сегментот на возила во кој припаѓа Fabia е конкурентен – ваквите возила ги купуваат помлади купувачи кои повеќе се заинтересирани за хај-тек играчки отколку за мотори и перформанси. Ниту тука Fabia не заостанува зад конкурентите – тоа се должи како на достапните варијанти и опрема (како што се веќе-споменатите LED предни светла, но и одличниот DSG менувач со двојна спојка кој може да се добие со доплата), така и на мултимедијалните уреди. Нашиот тест-автомобил дојде со мултимедијален уред со дијагонала од 6.5 инчи и можност за Android Auto и Apple CarPlay поврзување. Помладите купувачи сакаат да го поврзат својот паметен телефон со својот автомобил и сакаат сето тоа да биде практично и корисно – и токму тоа го добиваат. Дел од дополнителната опрема се и Maxi Dot борд компјутер, управувач со команди за радиото обложен во кожа, металик бојата и уште некои додатоци.

Поврзано:  Новиот, поголем и уште понапреден Škoda Kodiaq пристигна во Македонија!

Škoda Fabia не ја крие својата рационалност – туку искрено и гордо ја истакнува!

Всушност, можеме да кажеме дека токму тоа е картата со која „игра“ Škoda – купувачите ќе го добијат токму она кое го очекуваат. Ќе добијат зрел автомобил кој наместо „со желба да биде кул“ да ја крие својата рационалност,  напротив – гордо го истакнува својот практичен и размислен пристап кон нештата. Дали е Fabia вистинскиот избор за секого? Не, но ниту еден автомобил не е за секого – но тие кои ќе ја одберат Fabia ќе добијат автомобил со кој секојдневнието станува попрактично и полесно.

Димензии

Спецификации

Модел: Škoda Fabia 1.0 TSI 95 Ambition
Мотор: 1-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 95 коњски сили / 5000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 160 Nm / 1800 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 5 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 10.8 секунди
Максимална Брзина: 184 километри на час
Должина: 3997 mm
Ширина: 1958 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1467 mm
Тежина: 1046 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2470 mm
Багажен Простор: 340 – 1324 литри
Потрошувачка: 7 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Škoda Fabia 1.0 MPI Active – 9.940 Евра
Цена на тестираниот модел: Škoda Fabia 1.0 TSI 95 Ambition – 15.510 Евра
Повеќе Информации: Škoda.com.mk

Фотографии

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.