full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Први во светот зад управувачот на новата BMW Серија 3!

Многу малку новитети во автомобилската индустрија се толку важни, колку што е лансирањето на секоја нова генерација на „Тројката“ – и токму затоа меѓу првите во светот имавме можност да седнеме зад управувачот на новата BMW Серија 3.

Кога зборуваме за модерниот спортски седан, дискусијата обично секогаш се сведува на два-три модели од премиум сегментот кои потекнуваат од Европа. Но формулата за модерниот спортски седан ја постави и ја усоврши токму баварскиот бренд, и тоа токму со Серијата 3.

Во ред, новата „Тројка.“ Ајде да почнеме со дизајнот – иако на прв поглед е директна еволуција на дизајнот на минатата генерација, сепак новата Серија 3 има свој уникатен лик. Дизајнот е почист, линиите се поедноставни и пристапот кон дизајнот е рафиниран. Додека ни зборуваат за дизајнот на новата Серија 3, дизајнерите од BMW употребуваат зборови како „чистота“, „едноставност“ и „поезија“.

Нема да се случи да ја измешате новата Серија 3 со нешто друго. Да, некои ќе речат дека можеби малку наликува на Серијата 5 – но кога ќе ја видите „во живо“ таквите мисли едноставно исчезнуваат – Тројката има сопствен идентитет и изгледа значително „полесна“ од големата Петка.

На предниот дел се истакнуваат големите бубрези и тенките, хоризонтални светлосни групи, а контроверзен детал се NACA-отворите во предниот браник кои според нашите домаќини од BMW се всушност функционални и ја подобруваат аеродинамиката (BMW 3 има коефициент на отпор на воздухот од само 0.23 Cd – најдобар резултат од сите модели на BMW). Страничниот профил е типичен за BMW – кабината е повлечена наназад, задниот надвисок е навистина краток, а препознатливиот Hoffmeister Kink е префрлен од задните врати на Ц-столбот, со што уште повеќе се нагласува динамичниот карактер. Задниот дел го дефинираат широките светлосни групи, како и завршетоците од издувниот систем – кои се вистински! Всушност, кога им се заблагодаривме на луѓето од BMW за оваа одлука, ни беше кажано дека предлогот за поставување лажни завршетоци бил категорично одбиен – браво, BMW!

Во текот на запознавањето со новата Тројка, имавме можност да возиме три различни верзии. Едната (која воедно очекуваме да биде најпопуларна кај нас) беше турбодизелот со ознаката 320d, втората беше бензинецот со ознаката 330i, и конечно имавме несекојдневна и ексклузивна можност да возиме и прототипови од врвната изведба (сè додека не пристигне новиот М3, секако) со ознаката M340i xDrive.

Поврзано:   Премиера: Alpina B7 xDrive e уште побрза и полуксузна BMW Серија 7

320d – Рафиниран и моќен

Ајде прво за дизелот – новиот 320d носи нов мотор. Инженерите од BMW посветиле многу внимание на рафинираноста и мирното работење на популарниот турбодизел – и верувајте, тоа веднаш се забележува. Во ред, кога сме надвор од автомобилот карактеристичниот звук дискретно кажува дека се работи за турбодизел, но внатре во кабината искуството е сосем поинакво. Нема никакви несакани вибрации, а звучната изолација (која вклучува ново акустично стакло и многу, многу внимание посветено на деталите) ја прави кабината да биде навистина тивка. Новиот мотор користи две турбини – една помала и една поголема, и нуди навистина прогресивно и линеарно забрзување.

На располагање имаме 190 коњски сили при 4000 вртежи во минута и одлични 400 Nm вртежен момент од само 1750 вртежи во минута – и да бидеме искрени, оваа комбинација е повеќе од доволна за сите животни потреби.

Зошто го кажуваме тоа? Па забрзувањето до 100 километри на час трае само 6.8 секунди (со 8-брзинскиот автоматски менувач), додека максималната брзина е 240 километри на час. Тоа се бројки за хот хеч! Кај седан опремен со 2-литарски турбодизел! Дополнително,  управувањето е карактеристично за BMW – директно, прецизно и со точно-дозиран отпор за да понуди навистина спортско искуство.

Силата се пренесува кон задните тркала, додека предните се задолжени за управувањето, и таа прецизност се чувствува во секакви услови – кривулестите патишта околу Фаро и Портимао во Португалија се покажаа како навистина привлечна дестинација.

330i – Моќен, спортски, забавен

Од турбодизелот се префрлуваме во бензинскиот 330i, опремен со M-Sport пакет на опрема. Обата автомобили ја имаа истата спортска суспензија и истиот 8-брзински StepTronic менувач – но сепак имаат суштински разлики. Во најмала рака, разликата меѓу турбодизелот и турбо-бензинецот „си го прави своето“.

Четири-цилиндерскиот турбо-бензинец испорачува 258 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 400 Nm вртежен момент од 1550 вртежи во минута, и одлично му прилега на карактерот на спортски седан. Перформансите се скалило подобри – „стотка“ пристигнува за 5.8 секунди а максималната брзина е електронски ограничена на 250 километри на час.

Како што напоменавме, преголеми разлики нема – но се чувствува дека бензинецот е нешто полесен и поподготвен да совладува свиоци. Суспензијата кај двата автомобили беше иста – BMW користи нови амортизери кои во суштина имаат „амортизер во амортизер“ и гордо кажуваат дека успеваат одлично да го постигнат балансот меѓу комфорно возење и динамично држење на патот – и навистина е така. Иако беа поставени на големи тркала, навистина немаме забелешки на комфорот внатре во кабината.

Поврзано:   Следниот BMW M3 ќе има 500 коњски сили?

Префрлам во Sport и 330i го менува карактерот – станува поостар, поподготвен и бара повеќе внимание и почит. Тие 258 коњски сили воопшто не се за занемарување, но новата Тројка ги наградува искусните. Управувањето е остро како жилет, без да биде нервозно – а тоа се рефлектира во сè поголема доверба во можностите на G20. Свиоците ги напаѓам сè побрзо и побрзо – задниот дел пролизгува и спортските пневматици го оставаат својот траг на асфалтот – но сето тоа е предвидливо и одмерено, без несакани изненадувања…

Кабината е модерна, одлично изработена и луксузна

А кабината? Ако можевме да забележиме малку на амбиентот во кабината на минатата Тројка, сега навистина немаме никакви забелешки. Материјалите се врвни, завршната обработка е мајсторска, а амбиентот е навистина луксузен. Скап. Како што напоменавме – кабината е тивка и минувањето огромни дистанци не би требало да претставува никаков проблем.

Плус, тука се сите нови технологии кои BMW ги нуди – од Личниот Асистент кој е подготвен да реагира на нормални гласовни команди (и кој можете да го наречете како сакате, ние би го викале Перо – „Еј Перо, гладен сум“), па сè до новиот дигитален дисплеј поставен пред возачот, но и супер-кул системот кој BMW го нарекува Parking Assistant.

Во суштина, овој систем цело време ги снима последните 50 метри од вашето возење, и доколку заглавите во некој тесен паркинг или тесна уличка, асистентот самиот ќе се врати назад во риквец по истиот пат по кој стигнал. Супер-корисно!

Спомнавте нешто за M340i xDrive?

Вториот ден со новата Тројка започнува рано, рано наутро. По појадокот одиме кон Autodromo do Algarve тркачката патека каде ќе седнеме зад воланот на нешто навистина интересно! Своевидна „црешка на шлагот“ беше можноста да возиме продукциско-подготвени прототипови на новиот BMW M340i xDrive. Во превод, тоа значи дека под поклопецот се крие 3-литарски турбо-бензинец со шест цилиндри во линија кој испорачува 374 коњски сили и 500 Nm вртежен момент. Бидејќи се работи за модел кој ја носи магичната ознака М (М значи Магично, не сте знаеле?), тука очекувањата се навистина големи – и потполно исполнети.

Поврзано:   BMW 8 Series First Edition - Побрзајте, ќе има само 400 примероци!

M340i го возевме на Autodromo do Algarve тркачката патека која е техничка и забавна – и има неколку големи нагорнини и надолнини со слепи свиоци – а сето тоа резултира со одлична можност да се побараат лимитите на овој автомобил во безбедна околина. Забрзувањето до 100 километри „се решава“ за само 4.4 секунди, но вистинскиот талент е во свиоците – шасијата ги покажува своите таленти и во Sport Plus режим дозволува контролирано пролизгување.

Оние кои се критичари за xDrive – доста веќе. Силата се пренесува кон задните тркала, а делумно кон предните само во оние услови кога тоа е навистина потребно. Задниот дел е подготвен да заигра, но сето тоа лесно и прогресивно се контролира – оние кои уживаат во возењето ќе уживаат во M340i xDrive.

Стартно-целната рамнина ја поминувам со околу 250 километри на час, а веднаш по неа е прилично стрмна надолнина и остар свиок во десно. Чувствувам како органите прво ми се придвижуваат нагоре, па потоа надоле и конечно во лево – и се прашувам дали обилниот појадок тоа утро ми беше најпаметната идеја на светот?

Хај-тек спортски седан на самиот врв во сегментот!

Но навистина – оние кои уживаат во возењето ќе уживаат во било која варијанта на новата Тројка. Инженерите на BMW вредно си ја завршиле работата, и новиот модел гордо и заслужено се поставува на самиот врв во сегментот. Тројката секогаш била своевиден бенчмарк, а со најновата генерација Баварците јасно и гласно кажуваат дека многу добро знаат што прават и дека има причина за реномето кое го имаат.

Навистина сме горди што ја имавме таа чест да ја возиме новата BMW Серија 3. Спортскиот седан секогаш ќе биде вистинскиот избор за оние кои сакаат практичност во комбинација со забава зад управувачот – а во моментов, новата Тројка е на самиот врв!

BMW 3 Series 320d

BMW 3 Series 330i

BMW 3 Series M340i xDrive + Разно :)



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.