full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Škoda Scala – Нова ера за чешкиот бренд

Škoda пред само неколку минути го претстави својот најнов модел – хечбекот со името Scala, со кој ќе го раздрма сегментот и ќе воведе нова ера во својата историја.

Добредојде Scala! По неколкуте најави, Škoda конечно го претстави својот јанов автомобил – хечбекот се вика Scala и припаѓа во таканаречената „Голф-класа“, каде конкуренцијата е навистина силна. Преку три години се инвестирани во развојот на Scala, и поминати се преку 2 милиони тест-километри. Па, да разгледаме…

Дизајнот на Scala е интересен, и на свој начин ја напушта досега-поставената дизајнерска насока на чешкиот бренд. На предниот дел доминираат острите предни светла и големата маска на ладилникот. Линиите околу целиот автомобил се остри и аглести, без притоа дизајнот да изгледа премногу комплексно. Особено кул ни изгледа задниот дел, но сè на сè, дизајнот е динамичен, и пред сè – практичен, нешто што го навестува долгата силуета на Scala.

Интересна револуција се случува во кабината. Ако досега ентериерите на Škoda се карактеризираа како малку конзервативни, со кабината на Scala, чешкиот бренд оди во сосем нова насока. Дигиталните инструменти се поставени пред возачот, додека на централната конзола високо е поставен мултимедијалниот уред чувствителен на допир, а под него се командите за клима уредот.

Привлечниот и модерен дизајн е аргументот со кој Škoda ќе се обиде уште повеќе да им се приближи на помладите купувачи. Купувачите ќе можат да нарачаат цел куп нови технологии – веќе го напоменавме дигиталниот дисплеј, а ќе можат да добијат и LED предни светла, системи за асистенција и многу, многу повеќе. Секако, не е заборавено ниту на практичноста – Scala нуди багажник со капацитет од рекорди 469 литри, односно дури 1410 со спуштени задни седишта.

Поврзано:   ПАРИЗ 2018: Премира на новиот Škoda Kodiaq RS

Во однос на моторите, Scala ќе се нуди со три турбо-бензинци и еден турбодизел. Бензинците се во форма на 1-литарскиот TSI со 95 или 115 коњски сили, како и 1.5-литарскиот TSI со 150 коњски сили. Турбодизелот е во форма на 1.6 TDI со 115 коњски сили и 250 Nm вртежен момент. Škoda ќе го нуди Scala и со 1.0 G-TEC кој работи на компримиран природен гас и располага со 90 коњски сили. Основниот бензинец ќе се нуди со мануелен менувач, додека помоќниот бензинец и турбодизелот ќе можат да се добијат и со 7-брзински DSG со двојна спојка.

Производството ќе започне наскоро, а Scala се очекува да пристигне во салоните во првата четвртина од следната година.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.