АВТОбиографија: Фантастичното Porsche 944 на Андреј Маглешев! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

АВТОбиографија: Фантастичното Porsche 944 на Андреј Маглешев!

Денес во АВТОбиографија го имаме Андреј Маглешев кого го посетивме во Струмица за да го запознаеме него и  неговото ретро и несекојдневно Porsche 944!

Здраво Андреј! Ти благодариме за одвоеното време и можноста да го запознаеме твоето Porsche 944! Кажи ни нешто повеќе за тебе.

24 часа на ден во светот на возилата, кои покрај хоби ми се и професија. Од кога знам за себе сум опкружен и посветен на автомобилите, најмногу благодарејќи на мојот татко кој исто така е голем љубител на автомобили. Инаку сум дипломиран машински инженер на отсек моторни возила, а професионално се занимавам со продажба на нови возила.

Моделот 944 е несекојдневен – обично луѓето се фанови на 911, поретко гледаме некој да вози 944. Кажи ни ја приказната за овој автомобил.

Како и повеќето и јас сум голем фан на 911, иако возам 944. Секако, желбата да се поседува 911 си стои и се надевам дека еден ден и ќе се оствари. Приказната за ова Порше почнува сосема случајно во 2005 година кога татко ми го купува, во прилично лоша состојба. Тогаш е направена и прва реставрација на возилото, детално е среден ентериерот, лимаријата и механиката.

Од тогаш, некои 5-6 години Поршето активно се возеше, па потоа се продаде и во следните години беше запоставено и доведено во не баш сјајна состојба. Во 2017 одлучивме пак да го купиме и да го доведеме во состојба каква што заслужува. Инаку моделот 944 е специфичен по идеалниот распоред на тежината од 50-50 на двете оски кој надополнет со отсуството на било какви електронски помагала го прави автомобилот доста интересен за возење.

Како одеше процесот на реставрација? Кажи ни некоја интересна приказна или некој несекојдневен предизвик.

Поврзано:  Дали новите Panamera Turbo S E-Hybrid и Panamera GTS се најдоброто од спортскиот седан на Porsche?

Процесот на реставрација не беше многу тежок или сложен најмногу благодарение на солидната основа која ја имав и фактот што возилото немало некои удари и поправки претходно. Голема предност е што каросеријата на автомобилот е целосно поцинкувана, па и покрај долгото стоење на секакви временски услови на него немаше никаква корозија.

Најголем проблем беше наоѓањето на специфични делови за кои беше потребно доста време додека да се соберат, па тоа малку го одолговлечи целиот процес. Гледав автомобилот да го доведам што поблиску до фабричката состојба, како естетски така и механички и иако сеуште не е комплетен се надевам дека сум блиску до постигнување на таа цел.

Какви модификации, ако воопшто има, има претрпено ова Porsche 944?

Како што спомнав и претходно, се трудев да го задржам возилото што е можно поблиску до оригиналот, па затоа и модификациите се сведени на минимум. Најголемата модификација се бандажите, ставени се бандажи АZEV со различна широчина напред и позади, кои му даваат доста поагресивен изглед во однос на оригиналните.

Сепак, и оваа модификација е во склад со времето во кое возилото е произведено. Покрај тоа, направена е мала корекција на висината на подвозјето со цел да се добие подобар изглед и управливост.

Кои се твоите планови за во иднина за 944-ката, што е следно?

Засега приоритет ми е да се комплетира целосната замисла за Поршето, oстануваат уште некои мали ситници да се завршат, а потоа да се вози и ужива во него што е можно повеќе. Секако, не е исклучена можноста и да се најде уште некој олдтајмер, па да се направи и некој нов проект.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Porsche 911 Turbo 50 Years Edition во чест на 50 години Turbo!

Ти благодариме за одвоеното време, имаш ли нешто да им порачаш на читателите на CARclub.mk?

Ви благодарам и на Вас за посетата и посветеното внимание, моја порака до читателите на CARclub.mk е сакајте ги и уживајте во вашите автомобили, но безбедноста пред сè!

Галерија



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.