full screen background image
Search

ТЕСТ: MINI Clubman Cooper 1.5 – Најголемото MINI!

Поминавме неколку дена со најнесекојдневната изведба на MINI – ова MINI е сè освен мини, но сепак заслужено го носи тоа име.

Нашата приказна за MINI Clubman ќе ја започнеме вака – на улица нè застана еден господин и нè праша – „Дечки, абе што е ова?“. Кога одговоривме дека е MINI, тој некако збунето нè допраша – „Сигурни сте?“

„Секако дека сме“ – одговоривме – „си пишува позади“. И некако, оваа приказна како да се повторуваше следните неколку денови додека го возевме MINI Clubman. Интересна е реакцијата на луѓето – едноставно не очекуваат дека MINI може да биде волку голем. А не е дека Clubman нема своја историја – Clubman верзијата потекнува од Traveller верзијата од почетокот на 70-тите години. Тогаш зошто модерната верзија се вика Clubman? Едноставно е – BMW ги нема правата на името Traveller, но ги има правата на името Clubman – па ете, Clubman.

Нејсе, тоа и не е толку важно. Важно е дека Clubman е логично проширување на MINI гамата – купувачите сакаат поголем автомобил кој од една страна ќе ги задржи шармот, харизмата и кул-факторот на MINI, а од друга страна ќе понуди повеќе простор и поголема практичност за извршување на семејните обврски.

Дизајнот е поларизирачки – но сепак модерен и интересен

Токму тоа е постигнато со Clubman. Веќе при првиот контакт ќе забележите дека ова е не-баш-мини MINI. Караванската форма дополнително ја истакнува големината, но нам формата ни изгледа кул. Во ред, ќе признаеме дека дизајнот е поларизирачки и дека нема секому да се допадне – но за вкусовите не се дискутира, нели. Нам ми се допаѓа формата и ни се допаѓаат и деталите – особено се кул задните врати кои се отвораат како на комбенце – несекојдневен детал кој дополнително му дава карактер на Clubman.

Инаку, дизајнот е сосем во согласност со тековната генерација MINI – големи предни светлосни групи, чисти линии и едноставни форми. Единствено задните светлосни групи како да се издвојуваат од остатокот од приказната – делуваат некако преголеми и предизајнирани. Ни се допаѓа начинот на кој се изведени столбовите кои го држат кровот – успешно се скриени, па од надвор гледано изгледа како кровот да лебди. Истовремено, опаѓачката линија на кровот успешно ги крие димензиите на Clubman, па од некои агли изгледа помал од она што навистина е.

Кабината е како кај другите модели на MINI – но со значително повеќе простор

Кабината е идентична како кај другите изведби на MINI – а тоа значи многу, многу, многу ситници и кул детали кои го истакнуваат и наметнуваат Clubman како лајфстајл возило. Главните инструменти се поставени пред возачот (наместо во централната конзола како кај минатите генерации), но централната конзола доминира со својата големина. Некому ќе се допадне, некому не – но нам ни изгледа трендовски и фенси. Едноставно, се гледа дека е посветено време на деталите – на пример, многу е кул „прекинувачот“ за стартување на автомобилот – такви ситни детали прават да се чувствувате како да сте во нешто навистина специјално.

На задната клупа има многу простор – па тоа е и поентата на Clubman. Растот му дозволува да биде вистинско семејно возило – па на задната клупа ќе најдете сосем доволно место за двајца (па по потреба и тројца) патници. Всушност, со големината и практичноста, MINI конечно има модел кој може да биде директен ривал на хечбек-моделите од таканаречената „Голф-класа“.

Конечно доаѓаме до задниот дел – и оние врати. Вратите се многу, многу кул, и вакви детали навистина ни се допаѓаат. Вратите се отвораат странично, како на комбенце и овозможуваат одличен пристап во багажниот простор – кој патем е со капацитет од 360 литри, односно неколкукратно повеќе од тоа со спуштени задни седишта..

Можете да ги отворите на рачките поставени на самите врати, на далечинскиот управувач од централната брава или (ако го нарачате тоа во опремата) со замавнување со стапалото под задниот браник – практично ако се враќате до супермаркет и имате торби во рацете.

Супер-динамичен – како што и очекуваме

Инаку, и во Clubman се чувствуваат динамичните гени на MINI – ова е забавен автомобил за возење. Да, секако, зголемените димензии и тежина оставаат свој отпечаток на Clubman, но гените се таму – насочете го онаму каде сакате да одите и тој послушно ги следи командите. Подуправувањето е скоро елиминирано, и Clubman е забавен за возење. Суспензијата успева да ги израмни нерамнините од нашите улици, но сепак нема да кажеме дека е супер-мека.

1.5-литарски турбо-бензинец со 136 коњски сили и 220 Nm

Нашиот тестен автомобил го носеше 1.5-литарскиот турбо-бензинец со три цилиндри кој се вградува и во други модели на BMW групацијата. Малиот турбо-бензинец испорачува 136 коњски сили при 4400 вртежи во минута и 220 Nm вртежен момент од 1580 вртежи во минута.

Турбополначот си ја завршува работата и ако сте во правилниот степен на пренос забрзувањето е линеарно и задоволувачко – 100 километри на час се постигнуваат за 9.2 секудни а максималната брзина е сосем респектабилни 205 километри на час.

Доколку не сте во соодветна „брзина“ се забележува малку доцнење од турбополначот, но тоа е сосем очекувано од ваков мотор. Инаку, бидете внимателни и низ град Mini Clubman може да троши само 9 литри на 100 изминати километри.

Полека, полека, да завршиме. Дали е ова традиционално, конвенционално MINI? Не, секако – би било погрешно да тврдиме дека е. Но дали Clubman ги има истиот шарм и истата харизма кои ги има секое MINI? Апсолутно, а се чувствуваат и оние гените на динамичност кои ги очекуваме од MINI. Сето тоа го прави Clubman да биде интересен, иако несекојдневен избор.

Нема многумина да го одберат MINI Clubman, но тие што ќе се решат на таков чекор ќе добијат несекојдневен, кул автомобил, кој во ниту еден случај не е наменет за интровертните.

Спецификации

  • Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
  • Моќност: 136 коњски сили / 4400 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 220 Nm / 1580 вртежи во минута
  • Менувач: Мануелен, 6 брзини
  • Максимална брзина: 205 км/час
  • Забрзување 0-100: 9.2 секунди
  • Должина: 4253 mm
  • Ширина: 1800 mm (без странични ретровизори)
  • Висина: 1441mm
  • Тежина: 1395 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2670 mm
  • Багажен простор: 360 литри
  • Потрошувачка: 9 литри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: MINI Clubman Cooper – 26.310 Евра
  • Цена на тестираниот модел: MINI Clubman Cooper  – 36.980 Евра
    Повеќе информации: MINI.com.mk

Фотографии

Фотографија: Дејан Маликовски

Уште фотографии! :)



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.