full screen background image
Search

АВТОбиографија: Дино Стратров и неговата Opel Calibra Turbo

Денес во нашиот серијал наречен АВТОбиографија го имаме Дионис „Дино“ Стратров и неговата несекојдневно-сочувана Opel Calibra Turbo!

Дино е еден од нашите најистакнати форумџии, па кога конечно ја „дотера“ неговата Calibra решивме да ја фотографираме, да направиме муабет со него и сето тоа да ви го пренесеме вам. Затоа, со ред…

Здраво Дино! Како и секогаш, пред да зборуваме за автомобилите – да зборуваме малку за тебе. Кажи ни нешто за себе.

Првиот збор кој ми паѓа на памет е презафатен. Иако ја сакам мојата секојдневна работа како правник, вистинското задоволство го пронаоѓам во музиката, фитнесот и секако – автомобилите и често се наоѓам во ситуација со преполн распоред кој настојувам да го реализирам. Секако, ништо од ова не би било возможно без целосна поддршка и разбирање од страна на моето најблиско семејство.

Мојот вујко купи Opel Manta која јас ја „возев во место“

Оние кои те познаваат, знаат дека навистина си љубител на брендот Opel. Од каде таа љубов?

Моите најрани сеќавања за брендот се уште од предшколската возраст. Пред 30-тина години мојот вујко купи нова Opel Manta за која совршено се сеќавам дека беше зелена со црни линии, црн кров, кожен ентериер и како дете имам поминато неколку саати седејќи во неа и „возејќи“ ја во место. Понатаму, тинејџерските години ги поминав возејќи автомобили на PlayStation, а над телевизорот со години стоеше урамена слика во стакло од Opel Calibra Turbo, слика која и денес е закачена во мојата дневна соба.

Автомобилот е од 1995-та година, и произведени се само 3385 примероци на Calibra Turbo

Од каде љубовта за Calibra, и како дојде токму до оваа Calibra?

Поврзано:   Opel Grandland X добива 1.6-литарски турбо бензинец со 180 коњски сили од PSA

Секој љубител на Opel знае дека моделот Калибра зазема посебно место во неговата историја. Пред сè станува збор за модел кој во 90 тите (а и денес) важи за еден од најаеродинамичните автомобили со коефициент на отпор на воздухот од 0.26. Воедно станува збор за модел со кој Opel го освои DTM шампионатот во далечната 1996 година со Мануел Ројтер зад воланот, во конкуренција со Mercedes-Benz и Alfa Romeo.

Конкретно автомобилот кој јас го поседувам e од 1995 година, има бензински мотор од 2 литри со вграден турбополнач, 6-степен мануелен менувач и погон на сите 4 тркала. Со фабрички 204 коњски сили и забрзување до „стотка“ за нешто под 7 секунди, овој модел своевремено беше знаменосецот на спортскиот сегмент на Opel и воедно е произведен во најмал број примероци (3385 примероци од вкупно 240.000 произведени Калибри).

Да се најде ваков автомобил во Македонија во зачувана состојба беше навистина тешко, но бев упорен во потрагата и во Февруари 2009 година дојдов до мојата Opel Calibra Turbo која неколку само месеци претходно беше увезена од Швајцарија.

Дискретни, но корисни модификации

Какви модификации има претрпено твојата Calibra?

Во основа автомобилот е „фабрика“ со ситни модификации за зголемување на моќноста на моторот. Фабричкиот издув е сменет со aftermarket систем рачно изработен од Manrelli работилницата во Велес, монтиран е „blow off“ вентил под хаубата, додадени се инструменти за мерење на притисок во турбото, температура на масло и притисок на масло, фабричкиот ентериер е сменет со кожен (исто така од Опел Калибра – last edition), набавени се нови BBS RX 17 инчни фелни со нови Nokian ZG2 гуми и АТЕ релјефни дискови за подобро сопирање. Сепак оваа листа на модификации е занемарлива во споредба со листата на нови резервни делови кои низ годините се набавени со цел автомобилот да биде во оптимална состојба.

Поврзано:   Opel најавува 8 нови модели; ќе ги пензионира Cascada, Adam и Karl

Кои се твоите планови за иднината на твојата Calibra?

Планови секогаш има премногу, но времето и можностите се секогаш премалку. За сега, би се потрудил да ја задржам во состојбата во која моментално се наоѓа и да ја користам како викенд возило за уживање.

Му благодариме на Дино за одвоеното време и можноста подобро да ја запознаеме неговата Calibra Turbo!

Галерија



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.