Британскиот бренд најави дека легендарната марка официјално ќе се врати на пазарот во 2021 – и тоа со целосно-електричен SUV.
Според официјалната објава, новиот модел ќе биде првиот SUV на светот кој има нулта емисија на штетни гасови, а истовремено ќе ги носи со себе „квалитетите на рекреираната супер-луксузна марка.“ Интересно е што најавуваат дека дизајнот ќе го следи оној на Vision Concept концептот кој беше претставен минатата година.
„Со тоа што го враќаме едно од најиконските имиња во автомобилизмот, креиравме уникатна можност – а таа е да го оставиме зад себе пристапот од 20-тиот век и да дизајнираме автомобили околу потребите и желбите на 21-виот век. Новиот SUV на Lagonda ќе биде првиот од неговиот вид – комфорен SUV со високи перформанси кој успешно ја истакнува љубовта кон технологијата, луксузот и стилот“ – изјави претседателот на Aston Martin, Др. Andy Palmer.
Интересна е и изјавата на главниот „креативец“ во Aston Martin – Marek Reichman, кој изјави дека новиот SUV на Lagonda „ќе биде различен за возење од било кој друг SUV, и неговиот изглед ќе ја отсликува новата реалност и ќе биде своевиден првенец во иднината каде најпосакуваните и најпрестижните автомобили имаат свое место.“
Со оглед на несопирливата популарност на SUV моделите, пристапот на Aston Martin за брендот Lagonda воопшто не нè изненадува – а и некако преферираме Aston Martin да ја издвои SUV-понудата во засебен бренд, иако веќе најавија дека и тие ќе понудат свој кросовер во форма на DBX.