Mercedes-AMG ја претстави новата 53 серија – преку електрификација до зголемена моќност! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Mercedes-AMG ја претстави новата 53 серија – преку електрификација до зголемена моќност!

Mercedes-AMG ја воведува новата 53-серија која ќе користи електрификација на автомобилите за да постигне зголемена моќност, но и подобра економичност!

Најважниот новитет кај моделите кои ќе ја носат ознаката 53 (и погодувате, ќе биде некаде меѓу моделите кои ја носат ознаката 43 и оние кои ја носат ознаката 63) е токму хибридниот погон. Погонот не е класичен хибрид, туку користи 3-литарски линиски шест-цилиндерски твин-турбо бензинец кој испорачува 435 коњски сили и 520 Nm вртежен момент, и EQ Boost стартер-алтернатор кој испорачува дополнителни 21 коњска сила и 250 Nm вртежен момент. Системската моќност е одлични 456 коњски сили и 769 Nm вртежен момент.

Дополнително, EQ Boost системот го напојува и 48-волтниот електричен систем на автомобилот, а силата од хибридниот погон се пренесува кон сите четири тркала преку AMG Speedshift TCT 9G автоматски менувач со 9 брзини и Performance 4Matic+ систем за погон на сите четири тркала.

Првиот модел кој ќе ја носи 53 ознаката е новиот Mercedes-AMG CLS 53. Системот му овозможува забрзување до 100 километри на час за 4.5 секунди и максимални 270 километри на час, а според официјалните податоци потрошувачката ќе биде само 8.5 литри на 100 километри. Ентузијастички, секако – но несомнено ова е чекор во вистинската насока и помасовно користење на електрификацијата во насока на подобри перформанси, не само во насока на економичност.

Ова е дополнително олеснето од твин-турбо системот кој го користи новиот мотор. Моторот има еден конвенционален турбополнач, и еден електричен компресор. Електричниот компресор овозможува инстантно турб0-полнење и во суштина елиминирање на класичната турбо-дупка.

Само напред!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.