ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz конечно го претстави новиот, полесен, поголем G-Class! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz конечно го претстави новиот, полесен, поголем G-Class!

Ретко кој автомобил е попрепознатлив и полегендарен од G-Class – а Mercedes-Benz тукушто ја претстави новата генерација која од корен менува некои работи – но некои работи, за среќа – остануваат исти!

Самите дизајнери од Mercedes-Benz признаваат – не е лесно да се работи на таква икона каква што е G-Class. Сепак, новиот G-Class е 53 милиметри подолг и дури 121 милиметар поширок од својот претходник, а тоа ветува многу повеќе простор во кабината. Она што е импресивно е што иако G-Class е значително поголем, истовремено е и значително полесен – дури 170 килограми – а тоа се должи на користењето на полесни материјали – најмногу алуминиум.

Најважните измени доаѓаат во кабината – која сега е значително полуксузна од претходно. Купувачите ќе добијат целосно нова кабина, со нов управувач, многу луксузни детали, два големи 12.3-инчни дисплеи, а ќе можат да добијат и многу, многу „играчки“. Меѓу нив ги истакнуваме Burmeister аудио уредот со 16 звучници, designo кожа за ентериерот, активни седишта со греење и ладење и многу, многу повеќе.

Секако, G-Class не би бил тоа што е ако не може да се соочи со сите теренски предизвици – и секако дека ќе може. На самиот старт ќе се нуди со 4-литарски твин-турбо V8 бензинец кој испорачува 416 коњски сили и 609 Nm вртежен момент, а понатаму ќе добие уште неколку различни мотори. G-Class ќе се нуди со 9-брзински автоматски менувач кој (очигледно) ќе ја пренесува силата кон сите четири тркала. Тука е и неизбежната можност за 100-процентно блокирање на сите три диференцијали, а новитет е и независната суспензија на предната и задната оска. Благодарение на сето ова, G-Class има агли на пристапување и заминување од 31, односно 30 степени, и максимално може да вози низ вода длабока 70 сантиметри. Новитет е и G-Mode режимот на работа за теренско возење кој ги менува карактеристиките на управувањето, педалата за гас и суспензијата – кој пак гарантира уште подобри теренски карактеристики.

Новиот Mercedes-Benz G-Class ќе биде лансиран во Германија во Јуни и ќе чини од 107.000 евра.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.