full screen background image
Search

LF-1 Limitless е најава за иднината на Lexus!

Премиум-огранокот на Toyota го искористи саемот во Детроит да го претстави својот нов знаменосец – во форма на LF-1 Limitless – и да ја најави насоката во која ќе се движи во иднина.

„Ова е нашата визија за нов вид на знаменосец кој ја прегрнува функционалноста на кросоверите без притоа да се откаже од перформансите и луксузот кој го нудат врвните седани на денешницата“ – изјави Kevin Hunter, претседателот на CALTY Design Research, и додаде – „LF-1 Limitless концептот комбинира имагинативна технологија и истовремено креира силна емотивна врска преку подобрување на човечкото искуство за возачот и патниците.“

Интересно, од Lexus не кажуваат каков погон го придвижува несекојдневниот концепт – тие нагласуваат дека „исто како и името, можностите за погон се бесконечни“. Со оглед на насоката во која се движи Lexus (и Toyota), очекуваме дека LF-1 Limitless го придвижува некаков хибриден погон, но не би исклучиле ниту електричен погон.

Во поглед на дизајнот, LF-1 Limitless можеме да го наречеме само екстремен. Големата силуета е поставена на (повторно) големи 22-инчни тркала, па целиот автомобил има несекојдневен, динамичен став. На автомобилот нема хромирани детали, туку LED осветлување кое „го поздравува“ возачот. Кабината е дизајнирана да понуди максимален комфор и ја присвојува јапонската традиција која се нарекува Omotenashi, односно гостопримство. Нема никакви аналогни прекинувачи или контролери – на централната конзола има контроли кои се активираат со движење, а има и мал, минималистички дисплеј.

Сега за сега нема информации за тоа дали LF-1 Limitless ќе резултира со сериски автомобил, но од Lexus отворено кажуваат дека „концептот илустрира како би можел да изгледа SUV знаменосецот на брендот“ и дека се „многу нестрпливи да ги видат реакциите од дилерите, но и купувачите.“

Поврзано:   Првото електрично возило на Lexus е UX300e



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.