Премиера: Сега и официјално – ова е новиот Mercedes-Benz CLS – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Сега и официјално – ова е новиот Mercedes-Benz CLS

По фотографиите кои протекоа во текот на вчерашниот ден, Mercedes-Benz официјално го претстави новиот CLS – кај кој дебитираат и нови, линиски шест-цилиндерски мотори!


Новиот CLS е веднаш препознатлив – дури би рекле дека значително наликува на првата, контраверзна генерација на успешниот купе-седан. Дури и од Mercedes-Benz кажуваат дека новиот модел има за цел „да ја рефлектира безвременската аура на првиот CLS“.

„Новиот CLS е дизајнерска икона, бидејќи е оригиналното купе со четири врати. Во согласност со нашата Hot & Cool дизајнерска филозофија, ја прочистивме ДНК-та на екстремно чисто ниво, но истовремено емотивно ја дополнивме убавината“ – изјави Gordon Wagener, одговорниот за дизајн во Daimler.

Покрај дизајнот, CLS добива и нови мотори – на почетокот ќе се нудат два турбодизели и еден турбо-бензинец – CLS 350d 4MATIC, CLS 400d 4MATIC и бензинскиот CLS450 4MATIC. Најинтересен е токму бензинецот, бидејќи се работи за целосно-нов линиски шест-цилиндерски мотор со EQ Boost и 48-волтен електричен систем. Испорачува 370 коњски сили и одлични 500 Nm вртежен момент, а EQ Boost функцијата нуди дополнителни 22 коњски сили и 250 Nm вртежен момент – сето ова резултира со потрошувачка од само 7.5 литри на 100 километри и забрзување „до стотка“ за 4.8 секунди.

Дизелите користат 3-литарски линиски турбодизел кој испорачува 340 коњски сили и 700 Nm вртежен момент кај CLS 400d, односно 286 коњски сили и 600 Nm кај CLS 350d. Забрзувањето до 100 километри на час трае 5, односно 5.7 секунди, а обете верзии трошат само 5.6 литри дизел на 100 километри.

Поврзано:   Tјунинг студиото Manhart го изработи моделот V 350

Секако, Mercedes-Benz кај CLS ќе ги понуди сите најнови технологии – меѓу кои ги издвојуваме новите LED предни светла, како и цела гама на безбедносни системи позајмени од големиот знаменосец – S-Class. Првите примероци се очекува да бидат испорачани во Март.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.