Во изјава за Automobilwoche, Gilles Le Borgne од PSA изјави дека постепено ќе започнат да се користат платформи и мотори од PSA за моделите на Opel.
Овој потег не е воопшто изненадувачки – веќе е најавено дека следната Corsa ќе ја дели платформата со следната генерација Peugeot 208 и Citroen C3. Сепак, ова се веќе конкретни најави – одговорниот за развој во PSA – Gilles Le Borgne изјави дека постепено ќе започнат да се користат PSA платформи и мотори за моделите на Opel. Секако, ова нема да се случи „од денес за утре“ – и од PSA веќе објаснија дека процесот ќе трае неколку години – всушност, како што автомобилите ќе бидат заменувани со нови.
Според Le Borgne „сите мотори на PSA ги исполнуваат сите легални услови на сите пазари каде работиме, и ќе се обидеме да бидеме сигурни дека ист е случајот и со моторите на Opel.” Сега за сега ништо не е одлучено, но јасно е дека кај Opel мораат да бидат постигнати значителни подобрувања во ефикасноста. Le Borgne додаде дека „Opel ќе ги искористи искуствата од нашето реструктурирање и очекуваме синергија со секоја замена на модел.“
Дополнително, PSA сака да ги намали плаќањата кои ги прави кон GM во однос на права на користење и патенти на технологии. „Сакаме да ги елиминираме овие трошоци колку е можно побрзо“ – и токму тука се крие можеби најважниот аргумент дека PSA наскоро ќе ги замени платформите и моторите на Opel (барем оние кои потекнуваат од GM) со сопствени.
Според Peter Fintl од Altran (француски провајдер на развојни услуги кој соработува со PSA) работите се јасни – „на PSA не му требаат конвенционалните технологии на Opel. Бидејќи обата производители се активни во истите класи, сосем е извесно дека платформите на Opel постепно ќе бидат пензионирани и заменети со технологии од PSA.“ Сепак, Fintl додаде дека „ќе биде интересно да се види како PSA и GM ќе се договорат околу користењето на електричните технологии од GM и познавањето околу горивните ќелии.“
Истовремено, во игра е и развојниот центар на Opel посветен токму на моторите, лоциран во Риселхајм. Во тој центар Opel инвестираше 210 милиони евра и во моментов таму работат околу 800 вработени. Иднината на овој центар е неизвесна, а кога беше запрашан за неговата иднина, претседателот на PSA – Carlos Tavares – рече дека одлуката не е негова: „Ако владите одлучат да ги забранат моторите со внатрешно согорување, моја задача како претседател на компанијата е да ги почитувам регулативите.“