Bentley го претстави новиот супер-луксузен Continental GT! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Bentley го претстави новиот супер-луксузен Continental GT!

Новиот гранд турер на Bentley има една едноставна цел – да биде најдобриот интерконтинентален крстосувач во светот!

Дизајнерите на Bentley очигледно добиле инспирација од одлично-прифатениот EXP 10 Speed 6 и дизајнирале автомобил кој е многу подинамичен, но истовремено го задржува достоинството кое треба да го има еден ваков автомобил. Целосно се ревидирани пропорциите – па новиот автомобил е подолг и понизок – всушност, предната оска е поместена нанапред за цели 135 милиметри, а тоа овозможило предниот дел да е значително поиздолжен.

Нам особено интересно ни изгледаат задните светлосни групи, кои остапуваат од она што Bentley досега го правеше кај Continental GT. Задните светла ја „копираат“ формата на завршетоците на издувниот систем и оформуваат интересна целина. Новиот автомобил е 85 килограми полесен од досегашниот (но сепак тежи 2250 килограми) и користи 82 проценти уникатни делови. Каросеријата е направена од алуминиум и е користена Super Formed технологија која овозможува да се псотигнат комплексни и остри линии.

Првите автомобили кои ќе се произведат ќе користат ревидирана верзија на добро-познатиот 6-литарски W12 бензинец, кој ќе биде впарен со 8-брзински менувач со двојна спојка. Моторот испорачува 635 коњски сили и 900 Nm вртежен момент и му овозможуваат на големото купе да постигне 100 километри на час за само 3.7 секунди и да продолжи да забрзува сè до максимални 333 километри на час.

Благодарение на платформата која Conti GT ја дели со новата Porsche Panamera, сега користи 48-волтен електричен систем. Овој систем му овозможува на новиот Conti GT да има многу напредни технологии, меѓу кои и Bentley Dynamic Ride системот кој ги подобрува комфорот, стабилноста и управувањето. Секако и кабината е спектакуларна – користени се најквалитетните материјали – од природна кожа, па до уникатни дрва и рачно-полирани хромирани детали. Во целиот автомобил има повеќе од 10 квадратни метри покриени со дрво.

Пред возачот е поставен дигитален панел со инструменти, а до него има уште еден, 12.3-инчен дисплеј за инфозабавниот уред. Дисплејот е поставен на тространа платформа која овозможува да биде целосно скриен, или пак да бидат прикажани три аналогни мерачи – индикатор за надворешната температура, компас и хронометар. Производството на новиот Bentley Continental GT ќе започне оваа година, а првите возила ќе бидат испорачани на почетокот на следната.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.