Porsche Driving Experience повторно во Скопје! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Porsche Driving Experience повторно во Скопје!

Викендов Скопје беше домаќин на уште еден одличен настан – Porsche Driving Experience турнејата повторно беше кај нас и имавме можност да пробаме неколку интересни активности!

Автосообраќајниот Училишен Центар Боро Петрушевски беше домаќин на овогодинешниот Porsche Driving Experience настан во Македонија. На поканетите гости и медиумите им беа достапни неколку автомобили – новата Porsche Panamera Turbo, супер-моќниот 911 Turbo S, агилниот 718 Boxster S, тркачката 911 Carrera GTS и забавниот Macan Turbo Performance.

Низ неколку различни активности, имавме можност да запознаеме некои од можностите на овие автомобили. Низ кратка слалом-патека можевме повторно да ја искусиме агилноста и маневрабилноста на 718 Boxster S, опремен со 2.5-литарски турбо-боксер кој испорачува 350 коњски сили.

Благодарение на овој мотор Boxster S може да забрза до 100 километри на час за само 4.2 секунди (доколку го има Sport Chrono пакетот). Кратката слалом патека беше вистински предизвик за сите учесници, а ние го замоливме и претставникот на Porsche – професионалниот тркач Jukka Honkavuori да ја испроба за нас!

3… 2… 1…

Понатаму, повторно можевме да го испробаме монструозното забрзување на Porsche 911 Turbo S и неговиот Launch Control систем. Колку за потсетување, 911 Turbo S располага со дури 580 коњски сили и може да забрза до 100 километри на час за 2.9 секунди! Перформанси кои никого не можат да го остават рамнодушен, и во сите ситуации изнудуваат восхит!

Внимателно, внимателно…

Интересна активност беше слаломот во рикверц, кој се изведуваше со 911 Carrera GTS. Оваа вежба се случува – погодувате – во рикверц, и од возачот се очекува да успее да го маневрира спортскиот автомобил низ тесна патека без притоа да бутне ниту еден од поставените конуси. Верувајте – ова е потешко отколку што изгледа, особено во широкиот спортски 911!

Понатаму, се обидовме да го паркираме спортскиот Porsche Macan во две ситуации – еднаш паралелно, вториот пат на рикверц, но со покриени ретровизори. Моравме да ги користиме само системите за асистенција со кои располага Macan – паркинг сензорите и камерите. Интересна вежба која ги потенцира технолошките помагала кои Porsche ги вградува во своите автомобили – и колку навистина тие можат да помогнат во секакви ситуации. Екстремен пример, секако, но одличен начин вистински да ги дознаеме можностите на овие системи.

Поврзано:   GTstreet R Touring е најновиот проект на Techart

Конечно, можевме да пробаме прецизно да возиме во новата Panamera Turbo. Што точно значи тоа? Тоа значи дека требаше да поминеме одредена делница со точно 40 километри на час, но со задскриен индикатор за брзина. Ова беше потешко од очекуваното – но на крајот успеавме. Повторно бевме импресионирани од перформансите и комфорот кои ги нуди новата Panamera. И да, автомобилот кој ни беше достапен го имаше фантастичниот Iron Man заден спојлер!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.