ВОЗЕВМЕ: Во Белград се запознавме со новата SEAT Ibiza, но и Leon Cupra и Ateca FR! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Во Белград се запознавме со новата SEAT Ibiza, но и Leon Cupra и Ateca FR!

Имавме можност да ја запознаеме новата SEAT Ibiza – и тоа во одличната FR изведба со 1.5-литарски TSI со 150 коњски сили, а седнавме и зад воланот на новиот Leon Cupra со 300 коњски сили и спортската Ateca FR!


Новата Seat Ibiza!

Новата SEAT Ibiza е првиот модел на Volkswagen групацијата кој ја добива новата MQB A0 платформа – а со тоа и многу новитети кои за прв пат ќе се нудат во автомобил од овој сегмент. Бидејќи автомобилите од овој сегмент веќе не се толку мали – и соодветно и очекувањата од купувачите се големи – ниту еден производител не смее да си дозволи да потфрли во сегмент каде конкуренцијата е безмилосна.

Првиот контакт со новата Ibiza е навистина позитивен – компактниот хечбек изгледа складно, пропорционално и како да се движи дури и кога стои. Некои ќе речат дека Ibiza премногу наликува на Leon – но во реалноста има сопствен идентитет кој идеално му прилега на карактерот на автомобилот.

Секако – како и другите модели на SEAT, и Ibiza користи остри и чисти линии за да формира динамични, спортски површини – но верувајте, нема да ја помешате Ibiza со ниту еден друг модел на брендот.

Секако, за впечатоците да бидат целосни, на располагање ја имавме моментално врвната изведба на моделот – Ibiza во FR изведба, а под поклопецот се крие новиот 1.5-литарски TSI EVO турбо-бензинец кој испорачува 150 коњски сили при 6000 вртежи во минута и моќни 250 Nm вртежен момент достапни од само 1500 вртежи во минута. FR бодикитот одлично ги истакнува спортските линии на новата Ibiza – особено ни се допаднаа поагресивните отвори за воздух и одличната, црвена боја на сите достапни автомобили. Всушност, ако се прашуваме ние – бојата совршено и прилега на Ibiza!

Поврзано:   SEAT Ibiza наполни 40 години!

Првите впечатоци се позитивни – лесно се наоѓа комфорна возачка позиција, ергономијата е (очекувано) врвна, а во кабината има повеќе простор од она што очекувавме. Сите контроли се лесни за користење – и веќе почнуваме да се движиме.

Она што се забележува е дека суспензијата кај FR верзиите дефинитивно е ориентирана кон подинамично возење – цврста без да биде непријатно тврда, новата Ibiza одлично се соочува со свиоците – едноставно насочете го носот на автомобилот во насоката во која сакате да се движите и Ibiza послушно ќе ги изврши вашите наредби.

Имавме можност да ја повозиме Ibiza и на тркачката патека на NAVAK центарот близу Белград, и тука не останавме разочарани – иако тркачките патеки секогаш имаат повисоки побарувања, Ibiza FR успеа без никакви проблеми да ги совлада свиоците на оваа кратка, но техничка патека. Поцврстата суспензија тука игра посебна улога и успешно го контролира навалувањето во свиоци – и ја комплетира сликата за забавен и компетентен градски хечбек.

Сè на сè – новата Ibiza уште при својата премиера ветуваше многу – и имавме можност дека Ibiza ги исполнува и ги надминува очекувањата – она што SEAT го нуди е привлечен, младешки компактен хечбек кој има доволно простор во кабината дури и на задните седишта, без притоа да биде преголем за возење во градски услови.

Ќе се нуди широка лепеза на погонски единици – која започнува со 1-литарскиот TSI достапен во неколку изведби, одличниот 1.5-литарски TSI како оној кој го возевме, а во понудата ќе бидат и неколку турбодизели.

На тркачката патека со SEAT Leon ST Cupra 300!

NAVAK центарот има одлична тркачка патека која во зависност од конфигурацијата може да биде долга до 3000 метри, и е совршена сцена за вистинско тестирање на спортските потенцијали на било кој автомобил. Токму на оваа патека – и тоа под водство на професионалецот Jordi Gene – да го запознаеме новиот Leon ST Cupra кој располага со дури 300 коњски сили!

Поврзано:   Cupra оди во Америка!

Рецептот е интересен – земете ја караванската изведба на Leon – онаа со ознаката ST – додајте на тоа 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 300 коњски сили и 380 Nm вртежен момент, попрскајте со DSG автоматски менувач со двојна спојка и погон на сите четири тркала – и имате дискретен, семеен автомобил кој забрзува до 100 километри на час за само 4.9 секунди!

Пред нас на патеката беше Jordi Gene – возачот кој неодамна постави рекорд на Nurburgring токму со Leon Cupra. Тој, и неговиот службен Leon TCR (ист како службениот Leon на Игор Иџе Стефановски) го поставуваа темпото, и со секој круг возевме сè побрзо и побрзо. Ова беше навистина одлична можност Leon ST Cupra да ги истакне своите силни страни – сепак 300 коњски сили не се малку, а прецизното и директно управување, но и моќните Brembo сопирачки се дополнителен дел од рецептот.

Погонот примарно пренесува моќност кон предните тркала, но во моменти ќе забележи дека нешто интересно се случува, префрла дел од сите тие коњски сили кон задната оска, задниот дел културно се „вовлекува“ во саканата линија, а вие лесно продолжувате да го напаѓате следниот свиок.

Ексклузивен прв контакт со новата Ateca FR!

Со цел да го истакне карактерот на Ateca, SEAT реши да понуди и FR изведба на популарниот SUV. Ateca FR добива поспортски бодикит со делови од заштитните панели офарбани во бојата на каросеријата, некои спортски детали во црна боја, големи 19-инчни тркала, спортски седишта во кабината и уште некои детали.

Мораме да признаеме дека FR изведбата на Ateca храбро се издвојува од другите автомобили на улиците, и дека ова не е автомобил за оние интровертните – напротив, ова е автомобил кој веднаш ќе биде забележан.

Поврзано:   SEAT Ibiza наполни 40 години!

Ateca FR може да се добие со моќен бензинец или турбодизел, и со мануелен или автоматски менувач со двојна спојка. Комбинацијата од привлечната црвена боја, спортските детали и големите фелни му овозможуваат на спортскиот SUV интересна доминација на патиштата, а спортски-ориентираната суспензија ќе ви обезбеди директно управување и покрај габаритот на Ateca.

Покрај првиот контакт со новата Ateca FR, имавме можност да се запознаеме со теренските можности на SEAT Ateca – наскоро очекувајте повеќе информации и за тоа – но верувајте, Ateca има можност да совлада скоро секаков терен!

Одлична можност да го запознаеме спортскиот дух на SEAT!

Шпанскиот бренд на Volkswagen дивизијата секогаш се наметнувал како спортската алтернатива во групацијата – а сето тоа сега е уште поистакнато благодарение на новата гама на возила, авантгардниот дизајн и моќните мотори. Ова беше навистина одлична можност да го запознаеме спортскиот дух на SEAT – и тоа како на обичните улици, така и на тркачката патека.

Навистина забавно и несекојдневно искуство – но вистинскиот начин да се потенцира шпанската екстравагантност на SEAT – без разлика дали е тоа новата, динамична Ibiza, супер-моќниот Leon Cupra, или пак храбрата Ateca FR!

Галерија



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.