full screen background image
Search

ТЕСТ: Mazda 3 2.2 SKYACTIV-D 150 Revolution – Уверлива јапонска компетитивност

Со неодамнешното освежување на популарната „Тројка“, Mazda го освежи популарниот компактен хечбек со цел да ги задржи силните аргументи кои ги има на своја страна – а еден од нив е 2.2-литарскиот турбодизел со кој беше опремен нашиот тестен автомобил!


Кога Mazda реши да ја „затегне“ Тројката, ги зема во предвид сите забелешки кои сопствениците и автомобилските новинари ги имаа – но за волја на вистината тие не беа многу. Фејслифтираната Mazda 3 доаѓа со дискретно изменет дизајн и неколку нови бои – но главните измени се во кабината, каде „Тројката“ добива нов мултимедијален уред со подобра резолуција, изменети (и подобрени) седишта, некои нови материјали и значително повеќе звучна изолација – всушност, сега Mazda 3 е еден од најтивните автомобили во класата.

Дискретни измени – Mazda 3 веќе изгледа одлично!

Фејслифтираната Mazda 3 добива дискретно изменет преден дел – намалена е „острината“ на светлосните групи и хромираната лајсна околу маската на ладилникот сега не оди над предните светла туку завршува до нив. На задниот дел дифузерот сега е во боја на каросеријата и светлата за магла се попривлечно изведени – но ако сме искрени, визуелните измени се дискретни – бидејќи и пред фејслифтот Mazda 3 изгледаше одлично. Единствено – ние би избрале број-два поголеми тркала – 16-инчните фелни кои ги носеше нашиот тестен модел се доволно големи, но поголеми тркала подобро би ги исполниле крилата и би го истакнале спортскиот карактер на Mazda 3.

Комфорна и практична кабина со одлична ергономија и квалитетни материјали

Кабината добива редизајниран управувач, кој наликува на оној кај спортската Mazda MX5. Дополнително, Mazda го следи трендот кој е сè поприсутен во оваа класа и традиционалната рачна кочница ја замени со електронска. Забележавме дека сега седиштата нудат нијанса повеќе странична поддршка, а подобрени се и некои од материјалите во кабината.

Поврзано:   ТЕСТ: Mazda 3 2.0 Skyactiv-G Mild Hybrid

Инаку, Mazda 3 продолжува да биде практичен хечбек – возачот и совозачот ќе имаат повеќе од доволно простор, а благодарение на долгото меѓуоскино растојание, доволно простор ќе имаат и патниците на задната клупа. Ергономијата е одлична, сите контроли се лесни за користење, седењето е ниско и спортско а прегледноста (освен кон задниот дел) е задоволителна. Како и пред фејслифтот, Mazda 3 продолжува да има багажник со капацитет од 364 литри кои нараснуваат на 1263 литри со спуштени задни седишта. Отворот е доволно голем, па релативно лесно ќе натоварите и пренесете и поголеми предмети.

Идеална комбинација од мотор и менувач – економичен и моќен турбодизел, прецизен мануелен менувач

Но сепак, повторно – вистинската ѕвезда во Mazda 3 е одличниот 2.2-литарски SKYACTIV-D турбодизел! Тивкиот и рафиниран турбодизел нуди 150 коњски сили и 380 Nm вртежен момент. Доволно за „спринт“ до 100 километри на час за 8.1 секунда и максимални 210 километри на час – но верувајте, нема да очекувате какво е чувството во реално возење! Спринтот до 100 километри на час е само дел од равенката – леснотијата со која Mazda 3 постигнува меѓузабрзувања е скоро неверојатна – а сето тоа е придружено од исклучително ниска потрошувачка – која со внимателно градско возење може да изнесува и помалку од 6 литри на 100 изминати километри!

Оние кои сакаат динамично управување нема да бидат разочарани – всушност, Mazda 3 е еден од најзабавните автомобили во класата. Управувањето е директно и прецизно, а менувачот е можеби еден од најдобрите на светот – прецизен, со краток и одмерен од и супер-лесен за користење.

Поврзано:   Mazda 2 добива обновување на екстериерот и нови технологии

Хечбекот послушно ги следи инструкциите од возачот и верно ја следи бараната насока. Дури и ако „претерате“ најверојатно нема да добиете премногу подуправување – Mazda 3 се однесува неутрално скоро во сите ситуации – веднаш се забележува дека за развивање на „Тројката“ биле задолжени истите луѓе кои работеле и на одличната MX-5.

Секако – нашиот тестен модел беше и богато опремен, па добивме ксенонски светла со LED дневни светла, клима уред, цела лепеза на безбедносни системи, алуминиумски фелни, head-up дисплеј, навигација, темпомат, и уште многу, многу други „играчки“. За безбедноста скоро и да не треба да дискутираме – уште на своето појавување Mazda 3 имаше одлични 5 ѕвездчки на EuroNCAP тестирањата.

Mazda 3 продолжува да биде еден од нашите омилени автомобили во класата!

Mazda самата си постави висок бенчмарк со својата „Тројка“ – привлечниот дизајн, традиционалниот јапонски квалитет, моќните мотори и динамичното управување се комбинација која од самиот старт ветува врвна компетитивност во класата – и истата приказна продолжува и со освежениот автомобил. Брчките се затегнати, ситните недостатоци запеглани – и Mazda продолжува да го нуди еден од нашите омилени автомобили во класата!

  • 2.2 – литарски турбо-дизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 150 коњски сили / 4500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 380 Nm / 2000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 210 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.1 секунда
  • Должина: 4460 mm
  • Ширина: 2053 mm
  • Висина: 1465 mm
  • Тежина: 1320 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2700 mm
  • Багажен простор: 364 литри (1263 со спуштени задни седишта)
  • Потрошувачка: 4.9 (официјална, градска), 6.0 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Mazda 3 2.2 Skyactiv-D Revolution – 25.480 Евра
    Повеќе информации: Mazda.mk
Поврзано:   Mazda влегува во Touring Car Racing со новата 3 TCR!

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.