Освежениот Peugeot 308 добива нов лик, нови мотори и нов, 8-брзински автоматски менувач! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Освежениот Peugeot 308 добива нов лик, нови мотори и нов, 8-брзински автоматски менувач!

Францускиот производител го освежои 308 и покрај дискретно-затегнатиот лик му даде нови турбо-бензински и турбо-дизел мотори, како и нов, 8-брзински автоматски менувач.


Peugeot официјално го претстави освежениот 308 и ги објави првите фотографии и официјални технички спецификации за својот хечбек. Меѓу новитетите можеме да истакнеме грст технологии за асистенција при возењето, нови мотори, како и нов, 8-брзински автоматски менувач кој ќе се нуди кај некои верзии.

Визуелните измени вклучуваат редизајниран поклопец на моторот, нов преден браник со ревидирани светла за магла, како и нов заден браник со нови задни светлосни групи кои според Peugeot сега „гордо ги истакнуваат лавјите канџи и навечер и преку ден.“ Новитет кај Peugeot 308 се и електронските системи за асистенција кои доаѓаат од поголемиот 3008 SUV, а меѓу нив ќе најдете Автономно Сопирање (AEB), систем за следење на коловозната лента, адаптивен темпомат со можност за запирање и тргнување, како и Visionpark 1 систем со 180-степенска задна камера и помош при паркирање.

Кабината добива понова верзија на i-Cockpit системот на Peugeot кој сега вклучува 3D сателитска навигација развиена во соработка со TomTom, како и можност за MirrorLink, Apple CarPlay и Android Auto поврзување.

Како што и очекувавме, Peugeot понуди и нови погонски единици – па 308 GT BlueHDi 180 добива 2-литарски турбодизел со (погодувате) 180 коњски сили, но и нов, 8-брзински автоматски менувач развиен во соработка со јапонската компанија Aisin. Популарниот 1.2-литарски THP турбо-бензинец добива нови системи за контрола на издувните гасови кои дополнително ги намалуваат потрошувачката и загадувањето, а PureTech 130 моторот има подобрено согорување, како и нов систем за прочистување благодарение на катализатор и филтер за ситни честички со пасивна регенерација.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави новиот, голем E-5008!

Три-цилиндерските мотори се комбинираат со нов, шест-степен автоматски менувач кој според Peugeot ги вади максималните придобивки од новите технологии. Истовремено, Peugeot најави дека и нов, четири-цилиндерски BlueHDi 130 турбодизел со 130 коњски сили ќе се нуди во 308, кој користи слични технологии за прочистување на издувните гасови и е во согласност со новите, очекувани Euro 6.c стандарди.

 

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.