full screen background image
Search

ТЕСТ: Peugeot 108 1.2 VTI 82 Allure – Мал автомобил со големи амбиции!

Кога ни се покажа можност да поминеме неколку дена со новиот Peugeot 108 – па уште кога дознавме дека автомобилот е кабриолет – со задоволство го прифативме предизвикот и решивме добро да го запознаеме францускиот градски малишан!


Малите, градски автомобили имаат навистина тешка задача – треба да бидат компактни, маневрабилни и практични, а истовремено доволно големи да ги исполнат задачите кои се бараат од еден секојдневен автомобил – и сето тоа да го обвиткаат во доволно шарм и карактер за да бидат интересни.

Бумбарестиот 108 изгледа одлично на градските улици!

Здраво, Peugeot 108! Исто како и минатата генерација, и новиот Peugeot 108 е дел од триото модели кои ги делат францускиот производител, неговите роднини од Citroen и јапонската Toyota. Сите модели имаат свој уникатен дизајн и карактер, и ако нè прашате нас – токму моделот на Peugeot изгледа најпривлечно.

Уште при првиот контакт ни се допадна „бумбарестиот“ дизајн на новиот 108. Тркалата се извлечени кон краевите на автомобилот за да се добие простор во кабината, а дизајнерските детали карактеристични за Peugeot нема да ги промашите. На предниот дел се истакнуваат големите, „остри“ светла и отворите за воздух, околу целиот автомобил доминираат големи стаклени површини, а на задниот дел гордо стојат светлосните групи во облик на лавја канџа.

Всушност, подзатворете ги малку очите и Peugeot 108 изгледа како минимизирана верзија на одличниот 308. На нашиот тестен модел одлично му прилегаше темната боја, како и алуминиумските тркала. Да, знаеме дека обично во овој сегмент се цели автомобилот да е што е можно поефтин – но, погледнете го – изгледа толку фанки!

Привлечен и фанки ентериер – и сиот простор за главата на светот!

Ја отвораме вратата (која, бидејќи се работи за модел со три врати е навистина голема) и се сместуваме во ентериерот. Дизајнот на инструментите е едноставен и разбирлив, и ни се допаѓа дека управувачот и менувачот се обложени со кожа. Некои од пластиките не се меѓу најмеките – но тоа и можеме да го очекуваме од автомобили во овој сегмент. На предните седишта има повеќе од доволно простор, но задната клупа е (како што и очекуваме) релативно тесна. Но сепак, ова е градски автомобили и за кратки патувања без поголем проблем може да биде искористена и задната клупа. За сметка на тоа добивате сосем доволни 196 литри багажен простор и релативно правилен отвор на багажниот простор за полесно да ги внесете торбите од најблискиот супермаркет.

Поврзано:   ТЕСТ: Peugeot 508 2.0 BlueHDI 160 Allure - Страшно фраерски!

Бидејќи се работи за врвно опремен модел, добиваме привлечни и комфорни седишта, еден куп „играчки“ кои обично ги добиваме кај автомобили од поголемата класа и сиот простор за главата на светот! Да, нашиот тестен модел е кабриолет!

Ако малите градски возила се кул, тогаш малите градски кабриолет возила се уште по-кул! Сакате малку да се освежите? Отворете го кровот! Сакате да уживате во сонцето? Отворете го кровот? Денот не ви е најдобар? Отворете го кровот! Има толку многу придобивки од подвижниот, платнен кров што едноставно самите си го поставуваме прашањето – зошто сите градски автомобили не се вакви?

1.2-литарскиот бензинец со 82 коњски сили нуди перформанси некарактеристични за овој сегмент

Кровот (кој патем, се отвора и затвора електрично) можете да го отворите за само неколку секунди и да уживате во сиот простор за главата кој би можеле да го посакате. Дифузерот кој се издигнува кога ќе го отворите кровот гарантира дека нема да имате несакан ветер во кабината, и целиот автомобил станува барем 200% поинтересен. Верувајте ни! Во комбинација со 1.2-литарскиот бензинец кој нуди 82 коњски сили и добро-одмерениот мануелен менувач, Peugeot 108 е вистинска градска зујалица.

Малиот автомобил тежи само 915 килограми, и благодарение на тие 82 коњски сили, но и 118 Nm вртежен момент постигнува 100 километри на час за 10.9 секунди и ќе продолжи да забрзува сè до сосем респектабилни 170 километри на час. Според официјалните податоци троши 5.4 литри бензин на 100 километри во градски услови. Бидете поагресивни со педалата за гас и потрошувачката може да надмине и 8 литри на 100 километри – но во реалноста очекувајте околу 7.5 литри на 100 километри во град.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Кажете му „Здраво“ на новиот Peugeot 208!

Токму низ град малиот 108 е во својот вистински елемент. Супер-лесното серво управување го олеснува движењето и маневрирањето низ тесните градски улици, а компактните димензии и прегледноста го прават лесен за паркирање. Онаму каде возачите на поголеми автомобили ќе имаат проблем да најдат место за паркинг, вие и вашиот 108 лесно ќе се сместите.

Управувањето е изненадувачки директно и прецизно, и иако ова е далеку од спортски автомобил, кога ќе го насочите 108 кон свиоци ќе бидете пријатно изненадени од неговата подготвеност да се соочи со нив. Ова се должи како на малиот три-цилиндерски мотор (кој дури и звучи забавно, на оној малку нерамномерен, три-цилиндерски начин), така и на ниската тежина. Од друга страна, не можеме да забележиме ниту на комфорот на нашите „тетовирани“ градски улици – суспензијата дефинитивно е понасочена кон комфорот – како што и треба да биде!

Многу играчки кои обично ги добиваме кај поголемите возила

Малиот 108 со кој ние поминавме неколку дена беше навистина одлично опремен. Добивме управувач и менувач обложени со кожа, привлечни седишта, клима-уред, USB и AUX приклучоци, грст воздушни перничиња, магичниот платнен кров, алуминиумски фелни и уште мал милион други ситници. Сите овие додатоци го прават 108 уште поинтересен и уште попрактичен – и да, како и со секој мал, градски автомобил треба да бидете подготвени да направите неколку компромиси – но кога финалниот производ е волку кул, тогаш подготвени сме да простиме за многу од тие забелешки.

Малиот 108 навистина многу ни се допадна – има еден тон харизма!

Како што рековме – малите градски автомобили имаат тешка задача. Треба да бидат практични, економични, маневрабилни и да имаат еден тон карактер. Сигурно веќе и самите можете да заклучите дека малиот Peugeot 108 навистина многу ни се допадна – едноставно, не можевме да не бидеме насмеани зад управувачот. Перформансите не се врескачки, но не ни треба да бидат. Ова е градски автомобил, и како таков – малиот 108 е полн погодок! Уште ако се погоди сончев денот, да можете да го отворите кровот? Насмевките се неизбежни!

Поврзано:   ТЕСТ: Peugeot 3008 1.6 BlueHDI 120 Allure – Оправдано посакуван

  • 1.2-литарски атмосферски бензинец, 3 цилиндри
  • Моќност: 82 коњски сили / 5750 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 118 Nm / 2750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 170 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.9 секунди
  • Должина: 3475 mm
  • Ширина: 1884 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1460 mm
  • Тежина: 915 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2340 mm
  • Багажен простор: 196 литри
  • Потрошувачка: 7.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: Peugeot 108 Access – 9.600 Евра
  • Цена на тестираниот модел: Peugeot 108 1.2 VTi 82 Allure – 13.500 Евра
    Повеќе информации: Peugeot.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.