Женева 2017: 650S оди во пензија, McLaren го претстави новиот 720S! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Женева 2017: 650S оди во пензија, McLaren го претстави новиот 720S!

Кога пред неколку години McLaren се врати на сцената, никој не очекуваше колкаво влијание ќе имаат – а денес британскиот бренд го претстави наследникот на моделот со кој ја започна трансформацијата – збогум 650S, добредојде 720S!

650S беше верзија на 12C, кој па беше верзија на оригиналниот MP4-12C. По заминувањето на првиот модел во пензија, логично беше McLaren да претстави негов наследник, а токму тоа е новиот 720S.

Новиот McLaren 720S носи многу новитети – за почеток, нов е моторот. „Стариот“ 3.8-литарски твин-турбо V8 е заменет со нова ревизија, па сега има на располагање 4 литри. Добива и нови турбо-полначи и полесни компоненти (дури 41% од компонентите се нови во однос на стариот мотор), а резултат на сето тоа се 710 коњски сили и 770 Nm вртежен момент. Ако земеме во предвид дека 720S (со сите течности) тежи само 1419 килограми, сосем е јасно зошто и перформансите се толку импресивни – „стотка“ се постигнува за само 2.8 секунди, четвртина милја се поминува за само 10.3 секунди, а максималната брзина е 341 километар на час!

720S добива и неколку интересни „лични“ моменти – секвенца за добредојде ги отвора страничните ретровизори, ги активира трепкачите, активира светла за добредојде и го осветлува моторот како што возачот ќе му се доближи на автомобилот, а кога тој ќе ја отвори вратата, преклопливиот дисплеј ќе се отвори и ќе го поздрави. Секако, тука се и добро-познатиот (и навистина брз) 7-брзински менувач со двојна спојка, моќните карбон-керамички сопирачки и уште многу, многу други работи.

Што значи сето ова? Значи дека McLaren повторно на пазарот нуди автомобил кој е подготвен тотално да ја понижи директната конкуренција.

Поврзано:   McLaren го претстави отворениот Artura Spider


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.