full screen background image
Search

ОФИЦИЈАЛНО: Новиот Mitsubishi Eclipse Cross

Само неколку дена пред официјалната премиера во Женева, Mitsubishi ги објави првите официјални фотографии од новиот кросовер кој во употреба враќа едно од најлегендарните имиња на брендот!

Eclipse Cross е првиот нов модел (и SUV) на брендот од преземањето на Nissan, и како што можеме да забележиме од фотографиите, Eclipse Cross е веднаш препознатлив како Mitsubishi. Веднаш се препознава дизајнерската линија на брендот преку маската на ладилникот и обликот на предните светла.

Задниот дел е малку невообичаен за Mitsubishi, и тука јапонскиот производител зема друга насока со дизајнот. Препознаваме некои детали кои влечат потекло од Outlander, но сè на сè, дизајнот е свеж, модерен и привлечен. Особено ни се допаѓа опаѓачката кровна линија која на новиот модел му дава доза на спортски карактер и динамичност.

 

Новиот Eclipse Cross ќе биде придвижуван од целосно нов 1.5-литарски турбо-бензинец со директно вбризгување, кој во соработка со CVT менувач (кој има 8-брзински Sport режим на работа) ја испорачува моќта кон електронски-контролиран погон на сите четири тркала. Во понудата ќе се најде и 2.2-литарски турбодизел со директно вбризгување кој е специјално доработен за потребите на Eclipse Cross и ќе ја пренесува моќта кон сите четири тркала преку нов 8-брзински автоматски менувач.

Eclipse Cross ја добива и најновата верзија на Super All-Wheel Control системот кој контролира неколку различни параметри за да понуди динамично возење во согласност со потребите на возачот. Од Mitsubishi истакнуваат и дека каросеријата на Eclipse Cross е зацврстена благодарение на дополнителни зајакнувања на предниот и задниот дел, кои уште повеќе го истакнуваат динамичниот карактер на новиот SUV и ја подобруваат стабилноста.

Според Mitsubishi, новиот Eclipse Cross е глобално-стратешки модел, и продажбата во Европа ќе започне во втората половина од оваа година, а понатаму ќе се продава и на други пазари ширум светот.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.