full screen background image
Search

Mercedes-Maybach G650 Landaulet – Врв на теренската опулентност!

Врвот на теренскиот луксуз доаѓа од Mercedes-Maybach, и тоа во форма на G650 со голем V12 кој испорачува 630 коњски сили и 1000 Nm вртежен момент!

Како и секогаш кога станува збор за Mercedes-Maybach, приказната е едноставна – безкомпромисен луксуз! Овој пат, таа приказна доаѓа во форма на G650 Landaulet кој се базира на тековната G-Class на Mercedes-Benz, но екстензивно доработена од експертите во Maybach дивизијата. Ќе бидат произведени само 99 примероци (и не би биле воопшто изненадени ако се веќе распродадени) – и сите ќе ја нудат идеалната комбинација на екстремни теренски способности и врвен луксуз.

Под поклопецот се крие 6-литарскиот би-турбо V12 на AMG кој испорачува 630 коњски сили и 1000 Nm вртежен момент. Монтирани се и нови, понапредни диференцијали со можност за 100-процентно заклучување, а автомобилот е одвоен од подлогата за цели 450 милиметри, а вози на огромни пневматици со димензија 325/55/R22.

Како што самото Landaulet име сугерира, вториот дел од кровот е покриен со преклоплив платнен дел – па овозможува возење под отворено небо во идеален луксуз – седиштата се позајмени од новата S-Class на германскиот производител. Тоа значи дека ги нудат истите функции – ладење, греење, масажа и многу други ситници. Секако – бидејќи не би смеело да биде поинаку – и држачите за чаши се со загревање, не смееме да дозволиме на господинот на задното седиште да му се олади кафето.

Достапни се четири различни бои за каросеријата, и четири различни бои за кровот. Дебито ќе се случи во Женева, а очекувајте првите примероци да бидат испорачани набргу потоа. Во Катар, најверојатно.

Поврзано:   Обраќање на техничкиот директор на Мерцедес за ситуацијата во Ф1 за 2021 година

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.