full screen background image
Search

Наследникот на Lamborghini Aventador ќе го задржи атмосферскиот V12

Додека останатите производители целосно го прифаќаат турбополнењето, Lamborghini ги гледа поинаку работите кога станува збор за својот знаменосец.

Директорот на компанијата – Стефано Доменикали – во неодамнешно интервју откри дека атмосферскиот V12 мотор ќе продолжи да се користи и во срцето на моделот кој ќе го замени Aventador. Според него, врвниот модел секогаш ќе биде многу специфичен автомобил и ќе биде поспецијален од останатите модели во гамата. Сепак, замената на Aventador нема да пристигне до 2022, што значи дека неодамна претставениот Aventador S ќе биде произведуван во текот на овие шест години.

Lamborghini сепак ќе нуди модел со турополнач во својата палета. Претстојниот Urus ќе користи 4.0-литарски битурбо V8 агрегат развиен од страна на Porsche. Во новата Panamera, овој мотор произведува 550 кс, но се претпоставува дека во SUV моделот ќе биде развиен да испорачува уште поголема сила. Дополнително, според директорот за истражување и развој на Lamborghini – Маурицио Реџани – ова ќе биде најмоќниот мотор во својата класа, со огромен вртежен момент при ниски вртежи.

Следејќи го лансирањето на Urus, фамилијата на Lamborghini би можела да биде проширена и со дополнителен основен суперавтомобил поставен на нова модуларна платформа. Доменикали напомна дека има можност за создавање на модел позициониран под Huracan, но таа одлука ќе зависи од успехот и продажбите на Urus кој ќе биде лансиран во текот на 2018.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.