full screen background image
Search

Subaru WRX и WRX STI добија освежување

Subaru ги подмлади моделите WRX и WRX STI заедно со подобрувања во повеќе области, но погонските единици остануваат неизменети.

Овие подобрувања се направени со цел повторно да се зголеми интересот за овој модел, пред излегувањето на следната генерација која ќе биде поставена на целосно нова платформа и се очекува да пристигне околу 2020 година.

Што се однесува до изгледот, двата модели добиваат редизајниран преден дел, на кој доминираат поизразената решетка и поголемите отвори за воздух на браникот. Тука се и нови модели на алуминиумски тркала, додека изведбите WRX Limited и STI Sport добиваат нови прилагодливи LED светлосни групи.

Ентериерот сега располага со поквалитетни материјали, нови рачки на вратите, потпирачи за лакти на задните седишта со држачи за чаши, и побрзо далечинско отварање на багажникот. Subaru исто така се погрижиле за намалување на бучавата во возилото со додавање на подебели стакла на вратите и дополнителна звучна изолација.

Надградбите во кабината продолжуваат со 5.9-инчен мулти-функционален дисплеј кој го заменува досегашниот 4.3-инчен систем, сериски странични ретровизори со греење кај WRX, електрично прилагодување на лумбарната поддршка на седиштата кај WRX Limited и 7.0-инчен Subaru Starlink мултимедијален систем кај WRX Premium.

Покрај споменатите измени, новиот Subaru WRX исто така располага со доработена суспензија на двете оски, изменето електрично управува кое треба да обезбеди подиректно управување со повеќе повратни информации од подлогата, и редизајниран 6-степен менувач кој ќе овозможи подобро забрзување.

Силата продолжува да извира од досегашниот 2.0-литарски боксер агрегат кој развива 268 кс и ги испорачува кон симетричниот погон на сите тркала преку шест-степен мануелен или опционален Sport Lineatronic CVT менувач.

Неговиот поспособен „близнак“ – WRX STI добива нова суспензија и нови подобрени сопирачки, кои сега користат поголеми дискови и посилни моноблок шест-клипни шепи напред и две-клипни шепи на задните тркала. Системот DCCD, кој користеше механички и електронски централен диференцијал со ограничено пролизгување, сега добива нова електронска контрола за помазна и побрза реакција.

2.5-литарскиот турбо-бензински боксер агрегат останува неизменет, што значи дека продолжува да испорачува 305 кс. Тука се и бројни системи развиени од богатото рели искуство на Subaru, како динамичка контрола на возилото со повеќе режими на работа, активна векторска распределба на вртежниот момент и прилагодливиот погон на сите тркала со контрола на распределбата на сила.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.