Официјално: Stinger GT е новиот луксузен седан на KIA! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: Stinger GT е новиот луксузен седан на KIA!

По многу години ветувања и најави, KIA го разоткри најбрзиот, најлуксузен и најскап модел во својата гама – кој набрзо ќе влезе во производство.

Инспириран од GT Concept откриен на автомобилскиот саем во Франкфурт во 2011, новиот Stinger GT навистина изгледа навистина впечатливо. Како надворешно, така и внатрешно моделот го дефинира модерен дизајн и се гледа дека влече инспирација и од некои од луксузните германски модели.

4.83 метри долгиот Stinger GT е обликуван во согласност со Grand Touring филозофија и според димензиите ќе се смести помеѓу BMW Серија 4 Gran Coupe и BMW Серија 6 Gran Coupe. Базиран е на платформа на луксузниот Genesis G80 и ќе се нуди сериски со заден погон, додека како опција ќе биде понуден и погон на сите четири тркала.

Моделот ќе биде погонуван од 3.3-литарски твин-турбо V6 мотор со 370 кс и 510 Nm вртежен момент, усогласен со 8-степен автоматски менувач и диференцијал со ограничено пролизгување. Оваа конфигурација овозможува забрзување од 0-100 км/ч за 5.1 секунда, додека максималната брзина изнесува 269 км/ч.

Во наредната година во палетата на мотори ќе се придружи и 2.0-литарски четири-цилиндерски турбо-бензински мотор кој ќе испорачува 255 кс и 353 Nm. Во моментов, јужно-корејскиот производител нема објавено дали ќе биде додаден и турбо-дизел, но би очекувале и таква опција доколку имаат намера да го освојуваат и европскиот пазар.

За техничкиот дел е задолжен Алберт Бирман – поранешниот директор на BMW М дивизијата. Тој го опреми моделот со адаптивни амортизери, како и MacPherson суспензија на предната и мулти-линк суспензија на задната оска. Stinger GT нуди програма за електронска стабилност која може да се прилагоди да асистира токму колку што сака возачот.

Цените сеуште не се објавени, но првите испораки се очекува да започнат на есен оваа година.

Поврзано:  Македонска премиера на новиот Kia Sorento

 



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.