Mercedes-Benz го претстави освежениот GLA и неговата моќна AMG изведба – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Mercedes-Benz го претстави освежениот GLA и неговата моќна AMG изведба

На самиот почеток на Саемот на Автомобили во Детроит, германскиот производител го претстави фејслифтираниот компактен кросовер GLA, но и неговата моќна AMG изведба која сега има 381 коњска сила!

Фејлифтираниот GLA има цела низа дискретни измени во однос на тековниот модел. Најзабележителната измена е изменетиот преден дел кој сега има кружни светла за магла, редизајнирана графика на предните светла и затегнати линии. Истата приказна за суптилни но освежувачки измени продолжува и кон задниот дел кој сега има затемнети задни светлосни групи со поаглеста форма. Дискретното затегнување на линиите Mercedes-Benz го вика „Фитнес Програма“.

Понудата на мотори останува скоро неизменета – во понудата на бензинците остануваат GLA 180, GLA 200, GLA 250 (кој може да се нарача и со 4Matic погон на сите четири тркала) како и моќниот Mercedes-AMG GLA 45 4Matic, а меѓу дизелите се вбројуваат GLA 180 d, GLA 200 d, GLA 200 d 4Matic, GLA 220d и GLA 220 d 4Matic. Новитет во понудата е новиот бензински GLA 220 4Matic кој испорачува 184 коњски сили и 300 Nm вртежен момент.

Меѓу новите технологии, Mercedes-Benz во GLA вгради нова 360-степенска камера која на внатрешниот 8-инчен дисплеј го прикажува опкружувањето на автомобилот и го олеснува маневрирањето. Ги истакнуваат и новите LED High Performance предни светла кои се развиени токму за освежениот GLA, а ги заменуваат стандардните би-ксенонски светла. Новите LED светла трошат значително помалку енергија но истовремено се неверојатно моќни, а дневните светла се всушност изведени со мултифункционални фибероптички кабли.

Конечно, за оние кои сакаат повеќе возбуда зад управувачот, тука е и врвната Mercedes-AMG GLA 45 4Matic изведба. AMG-верзијата го носи истиот 2-литарски турбо-бензинец кој сега испорачува 381 коњска сила и одлични 475 Nm вртежен момент. Силата се пренесува кон сите четири тркала преку 7-брзински автоматски менувач со двојна спојка и 4Matic систем за погон на сите четири тркала. Сето ова резултира со „стотка“ за само 4.4 секунди!

Поврзано:   Пристигна новиот Mercedes-AMG GT Coupe!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.